Познатиот српски актер Милан Лане Гутовиќ колабирал среде претстава, пишуваат на Твитер неколкумина кои присустувале на овој настан.
Тој ја играл претставата „Обична вечер“ и по десетина минути колабирал на сцената. 73-годишниот Гутовиќ итно е пренесен во болница иако многумина во салата помислиле дека се шегува но сфатиле дека е сериозно кога завесата се спуштила.
Како што истакнал еден од присутните во текот на овој немил настан, публиката се вознемирила поради состојбата на легендарниот актер.
– Беше страшно. Лане излезе на сцената и веќе во наредниот момент видовме дека му е лошо. Луѓето се вознемирија, а некои од гледачите се упатија кон сцената за да му помогнат. Веднаш го тргнаа од сцената, а публиката ја замолија да ја напушти салата. Сите бевме исплашени и само сакавме да дознаеме дали Лане е добро – рекол соговорник за „Курир.рс“ кој во тој момент бил во салата.
Комичарот веднаш бил однесен на лекар и по укажаната медицинска помош му било подобро. Тоа го потврдил неговиот менаџер Џорџе Милутиновиќ.