Не сме ни блиску до запирање на епидемијата на морбили, со оглед на бројот на заболени од ова заразно заболување, но и како овој вирус брзо се пренесува – изјави денеска д-р Владимир Микиќ, епидемиолог од Институтот за јавно здравје.
Епидемија од мали сипаници од денеска е прогласена и во Куманово, а пред 10 дена и во Тетово.
Во врска со тоа дали ќе биде прогласена епидемија на морбили во целата земја, д-р Микиќ појаснува дека зголемен број заболени има во 12 општини.
– Има локално ширење на бројот на заболени од морбили, а ќе се процени дали епидемија да се прогласи на територија на целата земја, ја следиме состојбата. Во однос на мерките, епидемија нема да промени ништо, остануваат препораките. Проблем е што имаме релативно голем број невакцинирани деца, и вон Скопје, а имаме и висок број на заразени од морбили, само во главниот град се повеќе од 300. Затоа приоритет е вакцинација на децата до 4 години – вели д-р Микиќ.
Во Скопје досега вакцина примија над 9.000 лица.
Според ИЈЗ, од почетокот на епидемијата во Скопје, заклучно со 22. февруари регистрирани се вкупно 311 случаи на мали сипаници.
ЦЈЗ Тетово на 19. февруари пријави епидемија на мали сипаници со 7 заболени лица на својата територија, а епидемијата ги зафаќа и сите општини во Скопје.
Возраста на заболените се движи од 1 месец до 56 години.
Од вкупниот број на заболени, 148 (57,1 отсто) се на возраст до 4 години, а 91 лице (29,2 отсто) на возраст над 30 години.
Според вакциналниот статус, 232 или 74 отсто од заболените се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 64 се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.