Министерството за образование и наука и Педагошката служба и годинава не направија напредок за навремена достава на учебниците, обвини Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече таа, учениците се снаоѓаат како знаат и умеат за да дојдат до учебник, а веќе е 25 септември.
– Министерството изјавува дека постапката за избор на компанија која ќе ги испечати количините е во тек и дека поради троми тендерски постапки задоцниле со целокупната постапка. Тоа во превод значи дека техничкото наддавање е завршено и се чека на избор на понудувач – кажа Мизрахи.
Таа додаде дека тоа мало задоцнување може да значи дека учениците би ги добиле учебниците околу 20 јануари следната година, односно на почетокот на второто полугодие.
– Дали можеби тромоста на тендерската постапка може да се најде во тежината на тендерот што тежи некаде околу 5 милиони евра, односно 330 милиони денари од коишто 55 милиони денари за превод, а 270 милиони денари за техничкото изготвување на учебниците – праша Мизрахи додавајќи дека министерот и МОН се должни да понесат одговорност за девастирањето на образованието.