Македонската информативна агенција (МИА) во соопштение до медиумите демантира дека за корекција на дел од изјавата на премиерот Зоран Заев од Вашингтон имала реакција од Атина. Агенцијата меѓутоа потврдува дека направила корекција на дел од изјавата поради „направени погрешни интерпретации“ на дел од кажаното.
Го пренесуваме соопштението во целост:
„Со оглед на упатени прашања од различни медиуми во врска со корекцијата на интервјуто на премиерoт Зоран Заев, Македонската информативна агенција посочува дека немало никаква интервенција од Алексис Ципрас и од Атина како што се пренeсува, ниту од кого било.
Единствено што е точно е дека по увидените реакции во печатот за пренесеното интервју, е направена проверка на истото и е утврдено дека се направени погрешни интерпретации за што веднаш е направена корекција и истата коригирана изјава е дистрибуирана до јавноста.
Правило е кога агенциите ќе направат грешки да се испратат корекции, дополнувања на веста па дури кога станува збор за сосем погрешни вести и повлекување на истата“, соопшти МИА..