Со оглед на студеното време, ниските надворешни температури во тековниот период и снежните наноси на одделни места во Република Македонија, Министерство за здравство ја информира јавноста за мерките од Акцискиот план за превенирање на штетните влијанија и последиците од студеното време и студените бранови врз здравјето на населението, како и за превентивните мерки и препораки со цел заштита на здравјето на населението.
МЗ препорачува навремено вакцинирање против сезонскиот грип во зимскиот период, особено за лица над 60 години, редовно земање пропишана терапија, пиење топли напитоци, внесување доволно храна, избегнување на алкохол, бидејќи го зголемува ризикот од хипотермија. Во случај на настинка и потешкотии при дишењето граѓаните да го консултираат матичниот лекар.
Во случај на екстремно ниски температури да се избегнува физичка активност на отворено, користење повеќеслојна облека и соодветни обувки за снег и мраз, да се внимава на лизгави површини, набавка на основните лекарства и намирници порано да ви ги достават, или пак да прашате пријател или сосед за помош.
Натаму МЗ им препорачува на граѓаните да бидат активни и да се движат во затворени простории, да го проверат греењето во домот, најмалку една соба треба да ги исполнува препорачаните собни температури (18-21°C), доколку се во можност да помогнат на членовите на фамилијата, соседите или пријателите кои спаѓаат во ризичните групи на население (постарите лица или оние со белодробни заболувања) и доколку забележат лице од ризик од студено време (бездомник, деца на улица и сл) да го пријават на бесплатниот телефон 15505.
Информации за ранливите групи на население – постарите лица имаат потреба од потопла облека бидејќи тие создаваат помалку топлина за своите тела; бебињата се повеќе подложни на ладење, затоа треба да се проверува дали се загреани (дланките и стапалата треба да се топли); доколку имате срцева или белодробна здравствена состојба, избегнувајте тешки вежби на ладни температури, и облекувајте се соодветно (заштитете ги вашите глава, дланки и стапала).
Министерството препорачува да се земаат лекарствата редовно, доколку користите инхалатор, вдишете од истиот пред да излезете на ладно, доколку имате дијабетес, вашите дланки и стапала може полесно да се повредат или, при екстремни услови, да страдаат од смрзнатици, затоа внимавајте да останат загреани, доколку имате артритис, можете да дојдете до заклучок дека ладното ги влошува вашите симптоми. Ќе помогне доколку ги загревате повредените зглобови, и можеби ќе треба да ги приспособите вашите лекарства; Обрнете особено внимание на оние кои живеат сами.
Министерството за здравство спроведува и дополнителни активности, односно испратена е информација до сите ЈЗУа кои вршат дејност на итна медицинска помош низ РМ да имаат подготвен план за работа со зголемена приправност. Сите ЈЗУа имаат подготвено план за постапување, број на екипи и протокол за функционирање и постапување во услови на постоење на снежно време и ниски временски температури во РМ.
Дополнително, до Ургентните центри е испратена информација да имаат целосна подготвеност и мобилност со материјал, опрема и кадар во случај на зголемена потреба од давање на здравствени услуги за време на снежно време и ниски температури, односно ЈЗУа-та кои вршат дејност на ИМП и Ургентен центар се подготуваат да имаат доволна соодветна залиха на лекови и медицински материјали во случај на екстремно ниски температури и снежни наноси. Дополнително да имаат залиха на ќебиња, како во установата, така и во возилата на ИМП.
МЗ изврши и анализа за евентуална потреба од достава на лекови до граѓаните кои имаат потреба од достава на лекови, како и проценка за тоа на кои лица кои примаат хронична терапија ќе им биде потребна достава на лекови, согласно заклучокот од седницата на главниот штаб за управување со кризи за местата кои се најпогодени од снежниот бран кој ја зафати Македонија во изминативе денови.
Министерството ќе продолжи да ја следи ситуацијата и во наредниот период и ќе известува соодветно.
Повеќе информации граѓаните во однос на постапување за време на екстремно ниски температури и снежни наноси можат да добијат од Акциониот план за превенирање на штетните влијанија и последиците од студеното време и студените бранови врз здравјето на населението во РМ на следниот линк: http://zdravstvo.gov.mk/wp-