Одговорно тврдиме дека во Република Македонија нема инсулин, кој е со краток рок, соопшти Министерството за здравство, откако во јавноста беа пласирани информации поврзани со краткиот рок на употреба на инсулинската терапија.
„Сите пациенти кои се на инсулинска терапија подигнуваат инсулинска терапија која се троши за индивидуални цели и за период од 28-30 дена. Одговорно тврдиме дека нема инсулин во Република Македонија кој е со краток рок. Апелираме и повикуваме, доколку пациентите кои се на инсулинска терапија имаат таков доказ дека им е издаден инсулин со краток рок, веднаш да реагираат во Министерство за здравство“, стои во соопштението.
Дополнитено од Министерството информираат дека инсулинот, кој е со рок на траење до 30.09.2018 година е потрошен во месец јули. Од 15.08.2018 година веќе се обезбедени и се дистрибуираат инсулини „Новорапид“ со рок на траење повеќе од 12 месеци. Секој лот (серија) на сите видови инсулин е регистриран со количина и рок на траење.
„Истовремено, сакаме да потенцираме дека на 15.08.2018 година Министерството за здравство ја отпочна постапката за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, за периодот Септември 2018 – Септември 2020 година“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.