Чест ми е и огромно задоволство што вечер ја имам таа можност и привилегија да Ве поздравам и да бидам Ваш домаќин во Собранието на Република Македонија, рече претдедателот на Собранието Талат Џафери кој приреди прием во чест на британската премиерка Тереза Меј.
– Ова е дом на граѓаните, отворен и достапен за сите добронамерници, и за да постигнеме транспарентно и вистински функционално Собрание, постојано правиме реформи по примерот на земјите во кои парламентарната демократија е одамна воспоставена. Имаме несебична помош од нашите меѓународни пријатели, Проектот Вилтон Парк за градење на ефикасен и независен парламент е реализиран со поддршка на Владата на Обединетото Кралство и Фондацијата Вестминстер и таму, и власта и опозицијата, дадоа свој несебичен придонес. Посветени сме на враќање на вистинската улога на законодавниот дом и се чини дека конечно сме на вистинскиот пат, судејќи по тоа што неодамна добиениот Извештај за напредокот на Република Македонија од Европската комисија беше позитивен и безусловен. Ќе продолжиме на тој пат, за нашите граѓани, нашите деца, идните генерации, Република Македонија и сите кои споделуваме европски вредности и стандарди – рече Џафери.
Премиерката Меј истакна дека е искрено почестена од приемот што претседателот Џафери го организира во нејзина чест и подвлече дека најуспешните парламенти имаат две заеднички работи: првата, дека тоа се места каде граѓаните имаат слободен пристап до своите претставници и знаат каква работа се врши во нивно име, втората е дека Парламентите треба да бидат места каде пратениците се во позиција и се волни да ја предизвикаат Владата и другите јавни институции со прашања за нивните активности и политики.
– Знам дека изминатава година оваа зграда посведочи тешки времиња. Но свесна сум и за промените кои се случија оттогаш и за желбата за реформи во насока ова Собрание да ги исполни ваквите стандарди. Горда сум што Обединетото Кралство ги поддржува овие реформи преку нашите програми за финансирање. Кога владее демократијата, придобивките ги чувствуваме сите – посилно Собрание значи посилна Македонија – истакна таа.