Премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј, денеска, со писмена честитка до премиерот Зоран Заев, го честиташе постигнатиот договор помеѓу Македонија и Грција, како и ратификацијата во Собранието, соопштија од Владата.
„Вакво значајно постигнување не би било возможно без политичката храброст, визија и лидерство, какви што двајцата покажавте. Како што претходно разговаравме во Скопје, решавањето на ова прашање ќе донесе енормни придобивки за двете држави, како и за поширокиот регион“, стои во писмото од Меј.
Таа, во своето писмо додава и дека конечно после 25 годишниот спор, желбите на огромно мнозинство граѓани, кои сакаат да ја видат својата земја како членка на НАТО и ЕУ, ќе ги отвори вратите за овие аспирации.
„Како долгогодишен пријател, Обединетото Кралство ќе продолжи да ја поддржува Македонија во патот на пристапувањето кон членството во Евро-атлантскиот сојуз, како и во мирот и просперитетот, што овие аспирации како и останатите реформи ќе го донесат за Вашата земја, и за регионот како целина“, се истакнува во писмото.