Една од класичните дефиниции (оваа е на Ханс Моргентау, еден од најзначајните американски политолози од времето на Рузвелт и Труман) за она што претставува поимот „национален интерес“, како еден од клучните концепти во меѓународната и во националните политики, е дека „значењето на националниот интерес е прашањето на опстанокот – заштитата на физичкиот, политичкиот и културниот идентитет наспроти загрозата од други национални држави“.
Како што гледате, при дефинирањето на македонскиот „национален интерес“ не се работи за годишен избор на Мис на Македонија, ниту за избор на најдобра пастрмајлија или за решение за тоа каде ќе одиме идното лето на одмор, на пример. Се работи за служење на одбрана долгорочна стратегија која мора да ги има во себе виталните параметри за (физичкиот, меѓу другото) опстанок на државата.
Добро, ќе се согласиме дека, од тука натаму, интерпретациите за тоа што е нечиј национален интерес можат да бидат рационални и здраворазумски, но и фантастични и митско-библиски како и пејзажите и ликовите во Алиса во земјата на чудата – впрочем, и Хитлер и Сталин, меѓу другите, ги имаа „националните интереси“ предвид кога спроведуваа хаварии со големи историски последици за своите (и други) нации. Но, јасно е дека дневниот морално-политички фолклор, суетите, приватните материјални интереси, мерењето на перцепциите во јавноста или љубовните афери не треба да бидат превладувачките „секундарни варијабили“ (баш така се нарекуваат во теоријата) во определувањето на тоа што се примарните интереси за да се опстане на подолг рок.
Бидејќи, ако заради ништо друго, кога ќе определите кој ви е „националниот интерес“, тогаш од него ви произлегуваат и другите компликувани општествени концепти (имено, подолгиот евро-атлантски список за неопходните реформи, во нашиот случај) како оние за правда, мир, просперитет, начин на стекнување и губење моќ и тн.
Е, па, членството во НАТО и ЕУ е високо позициониран триесетгодишен приоритет, како кратка дефиниција на виталниот „национален интерес“ на Македонија, во сите важечки документи, кај сите релевантни политички (владини, партиски и невладини) фактори во земјава. (За Грчева, Апасиев и Бачев, очигледно, во друга прилика.)
Според тоа, да ја упростиме работата до крај, после сите отслушани километарски анализи и наклапања, за пратениците во Собранието е важно да си ги дадат себеси одговорите на три едноставни прашања: 1) Дали територијата на Република Македонија е физички загрозена со Договорот од Преспа, како „мост“ по кој треба да поминеме за влез во ЕУ и НАТО? 2) Дали со тој Договор се менува суштината на демократскиот политички модел за кој сме се определиле да живееме во последните триесетина години, како услов за влез во ЕУ и НАТО? 3) И дали, со гаранцијата на македонсиот јазик и македонската националност во Договорот, се загрозува нашиот културен идентитет, како рамка за негова заштита меѓу цивилизираните земји-членки на ЕУ и НАТО?
Конечно, низ одговорот на овие три прашања, треба да дојдете до клучниот, најважен калкулус – оној на опстанокот! – во дефиницијата за „националниот интерес“: Дали со влезот во економските, политичките и безбедносните сојузи на ЕУ и НАТО, Северна Република Македонија ќе биде помалку или повеќе загрозена (физички, политички и културно) од други национални држави?
Гледате, дами и господа пратеници, што го „тупите“ – сакав да кажам „дрвите“, ама ова ми се виде попристојно – без потреба?! Одговорете си на овие неколку прашања и со мирна совест гласајте за оној заклучок до кој сте дошле. Така се прави историја, со крената глава за да видите што подалеку нанапред.
Сето друго се анегдоти, губење време, празни закани и демагогии на македонското испостено секојдневие. Ајде, доста – марш на гласање!
Извор: Цивил медиа