Додека зачекорувате во новата година, со несигурни чекори од мамурлакот… Во пресрет на следните големи предизвици поврзани со варењето и крвотокот, до средината на јануари… Да продолжиме со обидот да ѝ дадеме смисла на тешката година пред нас… Ова секако се денови кога желбите го совладуваат или барем го разнишуваат разумот и не му дозволуваат да ја согледа реалноста во нејзината потполна светлина од која болат очите и се тресе душата. Се разбира, ова не може да се однесува на тие што го живеат животот во тешко бессознание од пребогат живот, од пари и моќ. Тие се постојано во состојба на исполнување на сопствените желби, без оглед на тоа колку луѓе треба да гладуваат поради тоа, без оглед на тоа колку деца и мајки треба да ронат солзи поради нивните нескротливи апетити.
Најмалку една третина од луѓето што живеат во оваа сиромашна земја, немаат доволно храна, облека и топлина во своите домови, ни за празник, ни за делник. Останатите, се крпат некако. Ете, за овие празнични денови, набавиле и нешто малку повеќе отколку што може да си дозволат, од „Кам“ или „Стокомак“. Па, празници се, нели? Се прибрал народецов околу скромните телевизори, со далечинскиот управувач во едната и мобилниот во другата рака. Празнуваат луѓето, како знаат и умеат, муабетат и подждригнуваат повремено.
„Ова не е животот што го посакувавме за нас и нашите деца, но тоа е, да се оттргнеме од лошите мисли, барем на неколку дена, да бидеме задоволни со тоа што го имаме…“ – кажете дали барем еднаш не помисливте вака во овој долг, празничен викенд, а потоа го пуштивте малку погласно телевизорот на кој оди некоја тралалајка.
Меѓу две сармички или порција руска салата со домашен мајонез, меѓу две чаши евтино наливно вино или домашна ракија, меѓу два дима од витканиот тутун купен на црно, редно е да се размени и некоја порака, па нека е тоа и циркулар на српски или кратка разнобојна анимација што се нуди во апликациите на мобилниот… За тоа време, децата одвиткуваат некоја нова крем банана од пакетчињата што се сѐ поскромни секоја година…
Деновиве, добив неколку стотици пораки, топли, искрени, насмевнати и искрени. Голем дел од нив се сликички со елки, огномети, анимации со „среќна нова“ на различни јазици, македонски, албански, турски, српско-хрватско-бошњачки, англиски… Ме радуваат. Им одговарам, колку што можам, со „смајли“ или „лајк“ или со по некој збор со искрени желби и честитки. И туркам понатаму, со долгиот празничен викенд и деновите споени со Божиќ, како и многумина други, без оглед на тоа дали се христијани или не, дали се побожни или не.
Многумина, се потрудиле повеќе. Читаат колумни што ги пропуштиле, ги читаат и овие поврзани со почетокот на новата година. И повеќето ми пишуваат во инбокс. Морам да признам, одамна ги нема наци-троловите да ми пишат во инбокс (воопшто не ми недостасуваат!), така што претежно добивам пораки од подалечни и поблиски Фејсбук пријатели, искрени и добри луѓе. Еве неколку од нив, со тоа што ќе ги прескокнам оние со големи комплименти и пофалби (фала им)…
„Морбидно, но вистинито. Читајќи, целата се наежив, а твоите зборови ме облеаја со тага и бол…“ – гласи дел од пораката од една наша сограѓанка.
„Ни малку не си бил нежен. Сега те читав“ – ми пишува еден другар и соборец, чии мисли од време на време споделувам и со вас во моите рафали. „Ме натажи. У ствари, и пред тоа бев натажена… Веќе не знам ни што е тоа страшно, лудо… ни го земаа и небото… Немам зборови. Точно до збор ја опиша реалноста. Суровата реалност… Веруваш ли дека ми се гади веќе од сѐ ова што се случува? Старите (власта) уништија сѐ, новите седнаа на тоа фотелјите и доуништуваат. Граѓанинот заборавен, сиромашен, разочаран, нервозен, уморен…“ – се само дел од стотината вакви пораки што ги добив овие денови пред и по Новата. Пораките се од различни луѓе за кои знам дека не се познаваат меѓусебно, живеат во различни градови низ Македонија, некои се и во странство. Но, како да седнале на една маса, како да се од еден човек…