Меѓународната и домашната безбедносна дилема

1316

Националната безбедност е примарното прашање на секоја држава, исто онака како што физичкиот опстанок е примарно прашање на секој поединец. Проверувате дали е заклучена влезната врата пред спиење? Тоа е вашата лична безбедносна дилема.

Притоа, додека државата, со својот монопол врз употребата на сила, е таа која што се грижи за редот и мирот меѓу граѓаните, анархичната природа на меѓународната политика ги прави државите крајно несигурни кога се работи за намерите на други држави. Тука, во отсуство на светска влада и присуство на вооружени субјекти (држави) кои носат автономни одлуки за војна и мир, се раѓа она што Џон Херц го нарекува „безбедносна дилема“, која може да се објасни на следниов начин:

Потрагата по безбедност на државата А произведува несигурност кај државата Б, која пак, плашејќи се од намерите на државата А, презема мерки да ја зголеми својата безбедност, што, од своја страна, само ја зајакнува несигурноста на државата А, и така до бескрај, некогаш и до апсурд!

Се сеќавам на една стара карикатура во американските весници, од времето на Студената војна: американски генерал влегува нервозно дома и на жената ѝ вели дека тукушто утврдиле дека Советскиот Сојуз има потенцијал да ја уништи Америка сто и еден пат, додека Америка може да го уништи ривалот само сто пати. Всушност, соочени со овој апсурд, дека некого можеш да уништиш повеќе од еднаш, пред неколку децении, големите сили ја запраа бесмислената трка во вооружување, поттикнати од безбедносната дилема, и почнаа, преку меѓународни договори, да ги намалуваат своите воени арсенали.

Со членството во НАТО, нашата држава ја решава својата безбедносна дилема со своите соседи. Малите државички на Балканот со своите смешни минијатурни армии, не би биле воопшто смешни кога би почнале да војуваат едни со другите, решавајќи ја преку конфликт својата безбедносна дилема. Вака, седнати на заедничка маса во Брисел, под чадорот на Америка, упатени се на соработка. Заеднички ги кројат своите безбедносни планови. Згора на ова, нашата осигурителна безбедносна полиса е во повелбата на Алијансата, поточно во членот 5 кој вели дека напад на една членка на НАТО е напад на сите. Иако и тука треба да знаеме дека нема некаков слеп автоматизам, според кој сите ќе јурнат во војна ако некој ја нападне Северна Македонија, нашата безбедност е драматично зајакната. Цената која моравме да ја платиме ја знаеме и еден подобро образован народ и подобро образовани политички елити, ќе знаеја храбро да си го голтнат достоинството и немаше да дозволи општеството да подлегне на националните емоции со кои се поткопува безбедноста на државата.

Поаѓајќи од состојбите во овој толку несовршен свет, овие генерации македонски граѓани, сепак, се родени во среќни времиња. Под безбедносниот чадор на НАТО, со решена безбедносна дилема со соседите, нашата држава може да се пофали дека мирот е обезбеден години нанапред. Заедно со претходните 70 години мир, тоа ќе биде големо достигнување во свет во кој има перманентно војни.

Има ли и домашна безбедносна дилема? Би рекол дека има. Се отсликува во она што може да го намали конфликтот меѓу партиите и што ќе ги упати на соработка, онака како што тоа НАТО го прави за државата во целина? Тие, имено можат да се обединат околу изградбата на демократска и правна држава. На ова поле има толку многу да се стори во нашата запустена држава, што кога партиите искрено би им се посветиле, не би можеле глава да кренат од работа. Четирите универзални принципи кои ја сочинуваат работната дефиниција за владеење на правото се следниве: 1. отчетност, според кој владата и приватните лица се одговорни пред законот; 2. праведни закони, што значи дека законите се јасни, објавени, стабилни и праведни, подеднакво се применуваат врз сите и ги штитат фундаменталните права, вклучувајќи ја и безбедноста на личноста, договорите и сопственичките права, како и базичните човекови права; 3. Транспарентна власт, што значи процесите преку кои се носат и се спроведуваат закони да се достапни, фер и ефикасни; 4. Достапно и непристрасно решавање на несогласувања, а се однесува на тоа правдата да се испорачува навремено од страна на компетентни, етички и независни претставници кои се неутрални, достапни, поседуваат адекватни ресурси, и го отсликуваат составот на општеството на кое му служат.

Од овие четири принципи на правната држава зависи како ќе ја решиме нашата внатрешна безбедносна дилема. Треба само сите да се обединиме, да засукаме ракави и да направиме план. Планот треба да се формулира горе, во државата, а поддршката да дојде одоздола. Целото општество треба да биде опфатено со овој проект. Значајно место во тој план, меѓу останатите, треба да имаат правните факултети во земјата, каде што се образуваат идните судии и адвокати, па и училиштата каде што се образуваат идните студенти. Замислете ја само оваа глетка: наместо партијата А да ја сомничи партијата Б за намерите да ја уништи преку монтирани судски процеси, покренувајќи спирала на непријателства, партиските водачи заедно со идниот претседател на државата, седнати околу маса во мисловен напор како да ја решат оваа наша домашна безбедносна дилема: изградба на демократската правна држава.

Ете и широко поле за натпревар и за претседателските кандидати. Почетокот, секако, ќе биде тежок. Во отсуство на елементарна доверба меѓу партиските водства, голем е стравот дека прогласувањето на мир од една страна ќе значи губење позиции во војната на партиите, за другата. Тука, улогата на претседателот на државата може да биде значајна. Всушност, битката за демократијата и правната држава ќе биде првиот и последниот тест за идниот шеф на државата. На дневен ред е домашната безбедносна дилема. Но, ако енергијата се троши на ревизија или поништување на веќе апсолвираната надворешна безбедносна дилема, како што почна опозицијата и нејзиниот претседателски кандидат, прогресот на земјата кон демократска и правна држава, можеби нема да биде поништен, но секако ќе биде успорен.

Извор: Инбокс 7

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...