Светот денеска, 15 октомври го одбележува како меѓународен ден на Белиот стап, формално востановен во 1964 година и инициран од повеќе американски здруженија за рехабилитација на лица со целосно или делумно оштетен вид.
Но, малкумина во светот, па и во нашата држава знаат дека во Македонија за полезноста на белиот стап се говорело многу, многу од поодамна и ако се анализираат истражувањата на битолскиот офтамолог Петар Бојаџиевски, за белиот стап на ова поднебје се говори од 14. век.
Заштитата на видот и лекувањето на очите во македонската здравствена култура зазема многу значајно место и е со длабока традиција. Податоците се поткрепуваат со факти кои датираат од времето на Климент Охридски (840-916), кој ја познавал средновековната медицина, лекувал болни и го основал првото словенско медицинско училиште.
Според истражувањата д-р Петар Бојаџиевски (1939-2014), офтамолог од Битола, член на МНД-Битола и член на Друштвото на офтамолози на Франција, автор на бројни научни трудови и книги посветени на офтамологијата, првата манастирска болница во Битола била изградена во текот на 10. век, а во текот на 11. век во неа како лекар-исцелител работел Варвар Охридски, еден од најпознатите ученици на Охридската медицинска школа кој се прославил себеси и болницата бидејќи како што се посочува „во болницата доаѓале многу луѓе, слепите добивале вид, а сакатите проодувале…“.
Но, според авторот на овој напис, најважниот податок од истражувањата на д-р Бојаџиевски е содржан во книгата „100 години офтамолошка дејност…“ во која говори и за белиот стап кој во Македонија датира од 14. век, и во таа смисла Бојаџиевски пишува:
– Од постоењето на светот и човекот, постои и неговата незапирлива борба со многубројните болести кои му го загорчувале животот. Распнат меѓу желбите да оздрави и реалните можности да најде најсоодветен лек за тоа, тој од искони барал спас во наталожените знаења што му ги оставила традицијата. Овие знаења допирале до него како свет завет, пренесуван од колено на колено, а многу ретко како пишуван документ. Меѓутоа традициите и сознанијата се пренесувале и преку фреските и иконите кои се цртале по ѕидовите на нашите манастири и цркви. Во отсуство на пишувани документи, фреските и иконите пластично ги надополнуваат нашите сознанија за здравствените преокупации, болестите и начинот на нивното лекување, обогатувајќи ја на тој начин нашата скудна средновековна документација. Една од најзаначајните секако дека е фреската „Исцелување на слепиот“ која и денес се наоѓа во црквата „Св. Никита“ во селото Бањани, Скопје, а потекнува од 14. век. На фреската е прикажан Исус Христос, кој допирајќи ги со рацете, ги исцелува ослепените очи на човекот облечен во црвена кошула, со бела торбичка на рамото и бели апостолки на нозете, а во рацете држи Бел Стап. Фреската е од непроценлива вредност бидејќи потврдува дека Белиот Стап во Македонија се употребувал во 14 век, напишал д-р Бојаџиевски.
Лајонси „витези на слепите во борбата против темнината“
Најголемата хуманитарна невладина организација во светот Lions Clubs International-LCI,на меѓународна конвенција одржана во 1925 година, во Кливленд, Охајо одлучила лајонсите да се прогласат за „витези на слепите во борбата против темнината“, а пет години подоцна, односно во 1930 година Белиот Стап го определува како симбол за ориентација на слепите лица. Тоа ги мотивира секоја година на 15 октомври да организираат разни акции, едукативни и хуманитарни активности, маршеви во кои заедно со лицата со делумно или целосно оштетен вид, јавно ја потсетуваат заедницата за правата на слепите лица.
За поддршката на слепите лица ќе се зборува и на претстојниот Европски форум на лајонсите од овој континент кои од 25 до 27 октомври ќе престојуваат во Скопје. Според Звонимир Цветановски, генерален секретар на форумот, над 700 лајонси од Европа, но и од Индија, САД и други држави во светот, посебно внимание ќе посветат и на овој глобален проблем со кој се среќаваат слепите лица.
– Форумот ќе почне со скрининг на очи со цел спречување на слепилото, а пред објектот Македонска филхармонија ќе организираме настан посветен на слепите лица со наслов „Јас слеп“, а на кој ќе се донираат материјали неопходно на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија. Секој учесник во рацете ќе има Бел стап, а на очите затемнети очила, за да почувствува како им е на слепите лица, и зошто треба да им се помага. Но, на форумот ќе има и други случувања како на пример промоција на идејата за изградба на училиште во Македонија во кое ќе се пренесуваат и изучуваат швајцарските искуства со обучено куче водач за слепи лица, ќе зборуваме за подобрување на инклузијата на децата со оштетен вид во заедницата и нивни кариерен развој и на други теми, вели Цветановски.
Македонската фреска од 14 век „Исцелување на слепиот“ освен како раритет треба да послужи и како потсетник за да не се заборави дека во овој век се уште освен лек, потребни се општествена свест за изградба на тактилни патеки по кои ќе се движат слепите лица, градските автобуси да се озвучат за слепо лице да слушне на која станица автобусот застанал, да се поставуваат звучни семафори низ целата држава, мени-листите во рестораните да бидат напишани и со Брајово писмо, да се има пристап до електронско банкарство и други стандарди какви што има во современиот свет.
ФОТО: МИА
Марјан Танушевски (МИА)