Според ескалацијата на речникот што е во оптек, се чини дека Христијан Мицкоски ја подготвува и својата партија и јавноста на две работи: набрзина да конституира некаква, колку-толку, одржлива причина за да ги бојкотира вонредните избори, кои стануваат сè поопиплива опција за продолжување на процесот за спроведување на Договорот од Преспа; но и да ја подигне сопствената политичка „пазарна“ цена во својата партија кај оние делови во кои тој го нема „контролниот пакет“ на влијание.
Свесен е Мицкоски дека оние кои ќе се зафатат да ја решаваат и оваа политичка криза ќе мора да отидат на неколку адреси, а не само на неговата – како на времето кога Кисинџер прашуваше има ли Европа еден телефонски број што може да се повика за став! – за на тие места да разговараат за условите за политичка „капитулација“ на ВМРО-ДПМНЕ под налетот на евро-атлантската перспектива за Македонија.
„Договорот од Преспа е мртов!“, репетира Мицкоски, ама знае дека тој не е надлежен за издавање на таа посмртница. Да, да, токму имајќи ги предвид референдумските резултати.
А, потоа, погледајте ги политичките компањони со кои Мицкоски ги споделува радикалните пост-референдумски ставови: тој, Бачев, Иванов, Вучиќ и Москва. И по обратен редослед да ги наброиш, друштвото е прилично депресивно.
Како стигна ВМРО-ДПМНЕ до ова дереџе? Како „најдобро чуваната тајна“ во партијата за идеолошко-политичката инспирација за бојкот на референдумот, доживеа комплетен стриптиз само два дена по референдумот? Па, не постои поголема анти-НАТО и анти-ЕУ коалиција од оваа во светот. Како им се случи на вмровците да станат главната српско-руска инсталација против западните интереси на Балканот, па уште и како „приврзок“ на Вучиќ кој сигурно му ги толкува на Путин референдумските резултати, од анти-ЕУ и анти-НАТО аспект на ВМРО-ДПМНЕ? Не му е срам на Мицкоски за шамарот што ѝ го влепи на Меркел лажејќи ја дека нема да работат на бојкот на референдумот?
Има ли некој затворен, партиски форум во таа внатрешна некогашна македонска некогашна револуционерна организација каде некој од членовите на партијата ќе побара објаснување од раководството која е позадината, смислата, перспективата на оваа темелна идеолошка промена во ориентацијата на ВМРО-ДПМНЕ? Па, дури и Ванчо Михајлов на крајот заврши во Рим, а не во Ленинград – нели за комуњарите беше резервирана Коминтерната?!… Ееееј, овие ни до Тито не се стигнати во читањето на историјата…
Но, дури и бојкотот на изборите, за кои, како што ми се чини, се подготвува Мицкоски, е само една тактичка операција, колку да се преживее неделава, без јасна стратегија како мисли партијата да опстане во „поларната зима“ на неприкосновеното владеење на сегашнава коалиција на Заев со, веројатно, 120 пратеници во идното, бојкотирано, вонредно – избрано Собрание кое, при тоа, мазно ќе ги помине сите обврски од Договорот со Грција?
Не се живее од клетви и празни прикаски за античкото потекло на македонската нација… Тој луксуз може да си го дозволи Хорхе, бидејќи од него веќе никој ништо не очекува, освен уредно да си ја троши доживотната претседателска плата откако наскоро ќе замине во пензија и ќе пишува мемоари за 36-те посети на Турција и Русија во својот залудно потрошен дупли претседателски мандат.
А од што ќе живее ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, со историски бојкот на евро-атлантската интеграција зад себе и без храброст од Македонија барем да направи следна руска губернија?
Ах, да, во партиската централа можат да направат голем погон за пржење на референдумски ајвар и, кога не можат да му ја земат власта, барем да му го земат бизнисот на Заев со ајварите на „Мамас“!
Извор: Цивил медиа