Го слушам и се чудам. Вика ние блескаме како држава. Зоран Заев рече дека блескаме како држава и директно им порача на ЕУ-комесарите дека ние сега кога блескаме, ако ни дадат датум за преговори, ќе го мотивираат целиот регион. Не само јас, сигурен сум дека и еврокомесариве му се чудат како тоа кај него дома блескало и требало да е пример, а кутриот тој дома валкано, нечисто, мириса од секоја институција, дури до Брисел… Никој не дава датум за преговори на „лепе очи“ и „есперанто јазик“. Патем, самиот Заев призна дека имало корупција, криминал, ароганција и дека граѓаните ги казниле на изборите поради сите овие работи. Впрочем, со истите епитети се опиша тој самиот, но ќе сфати еден ден дека најголемата казна беше поради него самиот.
Попатно се чудам како тоа блескаме, а Заев ќе се фаќа за метлата? Зошто? Нели ако нешто блеска од чистота не се чисти додека не се извалка?
Кираџија на „Илинденска“ бб
Од друга страна, видовме дека коалицискиот партнер на Заев не му дозволува ни да помисли на метлата, па така метлата ќе остане само сон кој го сонува Заев. Се залета, ја зема метлата во раце на митингот во Карпош и веднаш коалицискиот партнер му ја зема за да не се самоповреди. Па, следеа по третмани, го воспитуваа, го превоспитуваа, за конечно Зоки да сфати дека метлата му е само сон кој го сонува секојдневно, ами дека сакал да прави кадровски промени во Владата. И тоа не тој кого сака, туку кого ќе му посочат.
Му покажаа на Заев уште еднаш дека Владата не е негова, туку дека тој е кираџија на Илинденска бб и прашање на време е кога ќе го исфрлат, затоа што ќе доцни со киријата или затоа што многу прави врева онаму каде што е потстанар. И како и секој одлучен човек кој стои на својот збор, лут што му ја зедоа метлата, од Владата се упати кон хотелот „Хилтон“ каде што се чувствува најкомотен и кажа дека тој е главен, ама кај него во партија, и ги разрешил сите 78 претседатели на општинска организација. Сите знаеме дека тие не му се криви за неисполнетите реформи, лажните ветувања, пропаста во која оди Република Македонија.
Е сега, околу разрешувањето на овие 78 несреќници кои се колатерална штета. Да не се лажеме, не ги менува затоа што не ги бивало. Сите што малку повеќе имаат искуство во политиката се свесни дека тој се подготвува за внатрешна борба во СДСМ. Заев е свесен дека со ДУИ битката во Владата ја изгуби и таму метла нема да има. Свесен дека во СДСМ урбаното градско крило, како што самите се нарекуваат, му ја бара „главата на тацна” и сите него го гледаат како највиновен за поразот, па за да не го сменат тие него побрза да ги смени тој нив и да си ја зацврсти уште повеќе позицијата. Секогаш кога некој постоечки претседател на политичка партија се подготвува да се зацврсти ако му е разнишано столчето за да не го сменат, почнува со смена на раководните кадри во партијата од најдолу, па нагоре. Најпрвин претседателите на општинските организации, а веднаш по тоа најверојатно ќе следи промена и во Централниот одбор за да си обезбеди мнозинство и комоција за во иднина. Дел ќе бидат сменети, дел ќе останат истите што му се лојални. Практично, класична козметика. Наместо метла, покривање на прашината со крпче.
Заев ќе продолжи да ја сонува метлата
Лажен му е превезот дека метлата во партијата заиграла поради лошиот резултат. Не, метлата во партијата заигра затоа што не се знае кој попрво сака да му ја „скине главата” на Заев, внатре во самата партија. Дури сега ќе излегува на површина валканата долна облека во СДСМ, носена од доаѓањето на власт навака. Ќе биде непријатно, ќе мириса многу, но најважно е што самите тие во СДСМ ќе сакаат да ја сменат и да облечат нова. Дури сега ќе следат кај нив калкулациите кој со кого е, кој за кого е и кој треба да настрада во оваа нивна борба за внатрепартиски опстанок. Јас тука само би потсетил дека Радмила Шеќеринска воопшто не е наивна.
Колатерална штета во таа битка е и Павле Богоевски кој четврточки, предпразнично, најави дека си поднесува оставка. Е токму тоа ви го зборував во претходната колумна, дека скаутите точно знаеле што и кого бираат. Го изгореа како „жижица“. Павле го донесе животот и, за жал, многу рано го прекина. Но, за ова во некоја наредна колумна подетално. Секоја потенцијална опасност за било што, макар и најмала во СДСМ сега ќе се елиминира. Прашањето е кој ќе го земе под своја закрила внатре во партијата. Додека сето ова се случува на јавна сцена, со заднински намери, Заев уште сонува за метлата во Влада. ДУИ му објасни многу едноставно на Заев дека не може да чисти каде што сака во куќа во која е потстанар. Ќе чисти каде што тие ќе му кажат, односно ќе продолжи да сонува за метлата.
Да не се лажеме, кадровски промени нема да има. Ќе има ротации. Никој добар и искусен морепловец не би сакал да се качи на брод којшто мава од санта во санта и тоне. Нема човек што е врвен експерт во одредена дејност кој ќе прифати да биде дел од Владата на Заев која што не функционира и секако ќе биде сменет за една година на следните избори. Затоа, таа метла во Владата, или како што Заев ја смени реториката во „кадровски промени“, е само прикаска за мали деца.
Така, Заев ќе продолжи да ја сонува метлата. Не знам само дали е свесен Зоки Заев што значи кога сонуваш метла. Еве му објаснување: ќе имате конфликти, спорови и кавги во домот. Може и самиот да провери на Гугл, несудената негова странска инвестиција. Следејќи, според сонов што го сонува Заев, црно му се пишува. Ниедно семејство во кое има конфликти, спорови и кавги не успеало. Се распаднало. Истото ќе му се случи и на Заев и СДСМ. Прашање на време е кога. Следејќи ги тековиве и развојов на настаниве, очигледно многу брзо.