Метлата на премиерот Зоран Заев, како што неофицијално дознаваме, ќе заигра и во министерствата за транспорт, финансии и за земјоделие, три важни сектори, за кои било оценето дека се кочница во реализацијата на капиталните инвестиции кои се на многу ниско ниво и тоа на почетокот на 2019 година, за која премиерот најави дека ќе биде економска.
Одговорност ќе се бара од првите луѓе и во овие сектори, но и од сите други раководители на државните институции и агенции кои потфрлиле во инвестирањето.
Според официјалниот извештај на Министерството за финансии, реализацијата на капиталните инвестиции за првите три месеци од годинава е 6,21 отсто. Тоа значи дека од предвидените 423 милиони евра за капитални инвестиции во овој период се потрошени само околу 26 милиони евра, што се смета дека е прилично лош почеток на годината, ако се знае дека засега силните најави на премиерот за изградба на патишта, училишта, градинки, фабрики се само контури на хартија или негови пусти желби кои ги повторува секогаш кога ќе се најде на удар на критики од опозицијата, но и од економските аналитичари.
Владата на Заев е мета на критики од опозицијата во делот на реализацијата на капиталните инвестиции уште од почетокот на својот мандат, но тогаш премиерот и првиот финансиер во државата, Драган Тевдовски, се правдаа со цунамито што им го остави во наследство владата на поранешниот премиер Никола Груевски.
Владините најави за инвестицискиот и градежен бум, пратеникот од опозицијата Владимир Ѓорчев уште кон крајот на минатата година оцени дека ќе доживеат фијаско. Тој дури и му порача на Заев дека има најмногу министри, а убедливо најслаб економски тим и најлоши резултати во економијата, со само 27 проценти капитални инвестиции.
Во овој контекст со своја анализа на реализацијата на капиталните расходи од Буџетот за минатата година, по последната собраниска седница за пратенички прашања пред кампањата за претседателските избори, излезе и пратеникот Илија Димовски.
Капиталните расходи, објаснува Димовски, се мерката по која се мери колку Владата и државните институции изградиле или реконструирале патишта, улици, училишта, болници, библиотеки… Вкупната сума, пак, за предвидени средства за капитални расходи ја утврдува Собранието на предлог и проценка на Владата за тоа колку таа цени дека знае и може да инвестира во изградби и реконструкции на капитални објекти.
„Капиталните расходи од Буџетот на државата се најкорисниот дел од средствата на државата со кои може да се покрене и влијае врз позитивниот развој на економијата, но и да им се помогне на граѓаните во нивните конкретни потреби, да имаат подобри патишта, подобри училишта, болници. Покрај катастрофалниот степен на реализација на капиталните расходи од Буџетот за минатата година, што покажува дека најмалку се градело, Владата и оваа година продолжува со исто и дури полошо темпо“, напиша Димовски во својата анализа.
Тој тврди дека вкупната реализација на капиталните расходи на почетокот на годинава, во јануари 2019 година е 1,09 отсто, а тоа, според пратеникот, е рамно на катастрофа.
„Толку низок степен на реализација на капитални расходи (во превод: градење) немало никогаш. СДСМ се надминува себе си и во неработење. Време е за одговорност“, му порача Димовски на премиерот уште пред изборите.
Оттаму, политичките аналитичари сметаат дека метлата на Заев е задоцнета, затоа што утките во инвестирањето се направени уште при проектирањето.
Метлата, како што, објави Алсат-М вчера, предвидува смена и на потпретседател на партијата, министри, пратеници, градоначалници, директори и други функционери.