Вчера од Владата посочија дека засега сѐ уште не е утврден термин за средба на премиерот Заев со лидерот на ДУИ Ахмети во врска со најавената владина реконструкција.
– Во овој момент немаме прецизна информација за датум и време за средбата. Во однос, пак, на владината реконструкција тоа е одлука на ниво на коалициски партнери – рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски, а за повеќе информации упати на политичките партии.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи истакна дека промените во Владата ќе следуваат по средбата на Заев и Ахмети.
– Во средата имаше нивна кратка средба на еден настан, но без простор да се отворат овие прашања. Очекуваме деновиве да се оствари тематска средба за потребите од зајакнување на капацитетите на Владата во поглед на фокусот на економските прашања дека ги затворивме политичките теми. И двајцата лидери на коалицијата имаат свој концепт како треба да се зајакнат тие капацитети и треба да седнат и да донесат конкретни одлуки – истакна Османи.
Тој смета дека најавените кадровски промени во извршната власт ќе значат подобрување на капацитетите во однос на зајакнување на политиките поврзани со економските прашања. Османи додаде дека по средбата Заев-Ахмети, и партиските тела ќе дебатираат по истите прашања.
Премиерот Заев завчера истакна дека неисполнување на одредени очекувања на граѓаните, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, непотизмот, укажувањата од Антикорупциска, ќе бидат критериумите врз основа на кои ќе се реализира најавената „метла“ на крајот на мај и почетокот на јуни.
Како што најави Заев, во почетокот на јуни ќе излезе комплетно со промени во раководните структури на министерско ниво, во државните институции, а крајот на јуни ќе почне и по вертикала во општините каде државата е претставена со одредни државни институции. Паралелно најави и промени во СДСМ.
Досега повеќе актуелни министри, меѓу кои и вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите за внатрешни работи, за финансии, за транспорт и врски, за информатичко општество и администрација и за образование и наука, најавија дека ја поддржуваат најавената владина реконструкција, како и тоа дека ќе ја почитуваат евентуалната одлука за нивна смена од ресорните министерства.