Метлата на Антикорупциска

По ваков извештај, не мора да се чека да завршат изборите, да дојде и замине Папата, да помине сезоната на алергии и кратки одмори за време на продолжените празнични викенди, годишните одмори, препораката од ЕУ, вакцинирањето против маларија во Гана... Не е тешко веднаш да се побара одговорност, за почеток политичка и морална, а потоа и законска, макар и прекршочна, како што е редот. Значи, прво оставки, па сѐ друго.

1231

Ако сака да почне со операцијата „Метла”, премиерот Заев треба да почне со листата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК или Антикорупциска). Впрочем, затоа и е формирана оваа комисија, за да се постапува по нејзините наоди, зарем не? Истрагите и наодите на Антикорупциска не се забава за народ, туку работна задача за чесната власт. Но, тоа е лекција за четврто одделение (под услов да се ревидираат учебниците), нема потреба од толку едноставни пораки.

На списокот за борба против корупцијата јас веднаш би додал уште десетина институции (комплет) и едно стотина функционери, раководители на јавни претпријатија и установи, судии… Би почнал со јавното обвинителство, судовите и, се разбира, Комисијата за заштита од дискриминацијата, но потоа би одел со ред, до цели министри, сосе нивните многубројни тајфи од роднини, пријатели, партиски другарчиња, љубовници и бизнис ортаци…

Со финансиски и човечки ресурси помали од некои невладини организации (за кои ретко кој слушнал), но вооружени со решителност, храброст и знаење, луѓето на Антикорупциска се фатија во костец со непотизмот. Како што вети првата Антикорупционерка, Билјана Ивановска, така и стори. И, ете, резултат за паметење!

Во осумнаесет предмети, се утврдува дека седум пратеници, двајца министри и тројца градоначалници вработиле 16 ним блиски лица. Знаеме дека во јавноста кружат гласишта за многу повисоки бројки, но, да бидеме фер, од гласишта и кафеански озборувања до фактички наоди од истраги патот е долг и трновит, посебно ако се работи за функционери.

ЕЛЕМ е рекордер во вработувањата по роднинско-пријателски линии, а на листата на Антикорупциска се најдоа и МВР, Централен регистар, Министерство за земјоделие, МЕПСО, Агенција за супервизија… Некои податоци, нели, се класифицирани, па за два предмети, сѐ уште се чека на информации од МВР… Да, да…

Продолжувам со читање на извештајот од Антикорупциска… Во шест случаи наменски се креираат работни места пред самото објавување на огласите за вработување. Во два случаи објавениот оглас не е во согласност со условите утврдени со ситематизацијата, туку со условите што ги исполнува кандидатот. Дискреционото право на одговорното лице се користи во најголем број на случаите. Милина!

Вака последен пат се чувствував кога СЈО ги објави првите резултати од своите истраги. Убаво утро, за нови, убави, антикорупциски надежи. Едно големо браво за тимот на Билјана Ивановска! Гледате, знам и јас да напишам браво. Ми требаше малку време да ги најдам и составам сите букви од тој збор, ама со големо задоволство ги напишав. Сега овде се става „смајли“.

Сега, на ред е системот и оние што велат дека ќе го поправат, за да ги задоволат барањата и очекувањата за правда и владеење на правото. Нели, за тоа се избрани, платени, се возат во службените аутца…

По ваков извештај, не мора да се чека да завршат изборите, да дојде и замине Папата, да помине сезоната на алергии и кратки одмори за време на продолжените празнични викенди, годишните одмори, препораката од ЕУ, вакцинирањето против маларија во Гана… Не е тешко веднаш да се побара одговорност, за почеток политичка и морална, а потоа и законска, макар и прекршочна, како што е редот. Значи, прво оставки, па сѐ друго.

И на крајот, можеби изгледа малку во споредба со сета корупција и неказнивост со која живеевме во времето на режимот и кога видовме како старите навики изгледаат бесмртно, но е прекрасен почеток. Антикорупциска во времето на Грујо Серекеш беше корумпирана институција (како и сите други), што служеше за заштита на корумпираните, а не нивно откривање. Оваа Антикорупциска, со сите ограничувања што законодавците им ги наметнаа преку Законот, сепак, покажа дека може да работи како што пишува во нејзиниот назив и дефиниција. Значи, можело!

Да видиме кои ќе бидат следните чекори на власта. Дали операцијата „Метла“ ќе остане во синопсисот на портпаролите или извештајот на Антикорупциска ќе ја означи македонската антикорупциска пролет.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...