Албанскиот претседател Илир Мета денеска на прес-конференција соопшти дека 13 октомври 2019 е најсоодветен датум за одржување на локалните избори во Албанија, при што ја покажа новата уредба за распишување на изборите.
– Ова е уредбата за новиот датум на изборите. Тоа е 13 октомври. Двете причини зошто се одлучив за овој датум, е тоа што тој е најкус рок за организирање сеопфатни локални избори и тоа што, како што истакнав на 8 јуни, кога ја потпишав уредбата за одложување на изборите, станува збор за гарантирање на континуитетот на европската интеграција, а не за одвојување на Албанија од Северна Македонија за отворање на преговорите. Изгубивме многу време, но за среќа на агендата на ЕУ е да донесе одлука за отворање на преговорите во октомври, а средбата е на 18 октомври – изјави Мета.
Пред соопштувањето на новиот датум на изборите, Мета имаше низа средби, како со лидери на политички партии, така и со странски амбасадори и со претставници на мисиите на меѓународните организации во Тирана.
Поканата за средба во претседателската резиденција единствено ја отфрли премиерот и лидер на владејачките социјалисти Еди Рама, кој одговори дека „е во изборна кампања и нема време за средби“.
Но, Рама експресно преку Твитер реагираше на одлуката на Мета за нов датум за локалните избори, уште додека траеше прес-конференцијата на претседателот.
– Нели ви реков денеска да ја очекувате втората будалштина? Датум излезен од филџанот на измислена револуција е една АПСОЛУТНА НУЛА! 30 јуни е единствен датум на изборите, напиша Рама.