Интеграцијата на регионот во ЕУ и НАТО е многу значаен процес за неговата иднина. Македонија е во еден многу значаен, поволен и оптимистички момент, по долг период на стагнација во односите со Грција, Европската унија и НАТО.
Ова во интервју за „Албаниан дејли њуз“ го изјави албанскиот претседател Илир Мета, одговарајќи на прашањето околу претстојниот рефендум и какво ќе биде значењето на резултатот за Албанија и регионот.
– Без никакво двоумење, го поддржавме и охрабрувавме директниот дијалог меѓу Атина и Скопје со целосно убедување дека тоа е најдобриот пат да се оди напред и да се најде потребното решение за долготрајниот интегративен процес на Македонија – вели Мета.
Според него, договорот постигнат со Грција за името отвора нова перспектива, претставува позитивен чекор на Македонија кон нејзиното членство во НАТО, интеграцијата во ЕУ и директно влијае на мирот, безбедноста и стабилноста на регион.
– Албанскиот политички фактор во Македонија има незаменлива улога, како во процесот на внатрешни промени на политичката и социјалната кохезија, така и во евроатлантскиот процес на Македонија. Тој повторно има можност да го потврди својот непоколеблив став за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ со сериозно ангажирање, со целата своја енергија, за успех на овој референдум – нагласува Мета.
Тој додава дека успехот на референдумот е победа на европските и евроатланските интегративни сили и дух, наспроти „архаичните, антиевропски и анти-НАТО тенденции не само во Македонија, туку и низ целиот наш регион“.
– Затоа верувам и истовремено ги повикувам сите Албанци во Македонија да учествуваат на референдумот на 30 септември и да гласаат за договорот, за отворање на ново поглавје не само во корист на интеграцијата на Македонија, туку и нивната иднина во оваа земја – оценува албанскиот претседател Илир Мета во интервју за „Албаниан дејли њуз“.
Фото: EPA/MALTON-DIBRA