Или, како машинец, актуелниот водач на опозицијата Х. Мицкоски абер си нема со некои елементарни правила на реториката, или пак оние кои му ги пишуваат говорите за неговите јавни настапи се ликови со скромни увиди во нивниот, најверојатно, добро платен занает. Трето нема. Добро зборува за тоа неговото често прибегнување кон метафори и метафорички изрази. Причината за тоа е: тие метафори се незаменливо средство да се остави силен впечаток (кој ќе се памети!) кај оние што го слушаат со подзината уста.
Еве една најсвежа од неговиот омилен метафорички репертоар со која се послужил во Валандово. Како што известуваат некои портали, Мицкоски им рекол на валандовци дека неговиот лут политички антаганист им го сосекол коренот („коренот ни го исече“) на орто-македонистите, неговите следбеници од ВМРО-ДПМНЕ кои, како што рече при еден друг повод, биле дестилирана „есенција“ на македонизмот. Да, шефот на партијата на власт безобѕирно сечел корени! Ама тој и не знаел, кутриот, дека тоа да ти било залудна, сизифовска мисија. Зошто? Затоа што, според зборовите на велеучениот машинец Мицкоски, корените на есенцијалниот македонизам биле „како пиреј“: „и колку да нѐ корнеш, господине Заев, ние повторно ќе растеме троскот и повторно ќе растеме.“
Сите оние што држат до некој ред и поредок во искажувањето, а држат затоа што, безбели, сакаат брзо и добро да бидат разбрани, нема да пропуштат да забележат дека во тој мошне краток исказ на водачот на опозицијата владее вистинска, „дар-мар“ збрка. Тоа не зборува добро за неговота функционална писменост. Така, на пример, еднаш вели „пиреј“, а веднаш потоа тој „пиреј“ го заменува со синонимот „троскот“ иако не се гледа мотивот за таа брза замена што ќе ја направи, нели, функционална. По ист начин, без видлив мотив (еден впечатлив исказ мора да биде мотивиран затоа што токму тоа и само тоа е извор на впечатливоста!), тој го заменува она сосекување корен на Заев со – корнење („и колку да нè корнеш“). Како што темата сосекување и корнење тој брзо ја заменува со растење: „повторно ќе растеме троскот“; „и повторно ќе растеме“.
Ја тргам сега настрана таа чудесна, „дар-мар“ збрка која просто плаче за коментар. Плаче, затоа што „на сет глас“ (Мајаковски) зборува како за неговиот интелектуален капитал и капацитет, така и за една чудесна збрка во главата (збрката во искажувањето е последица на збрка во главата!), за да ви обрнам внимание на метафората „пиреј“ која влезе, во нашиот разговорен јазик, благодарение на истоимениот роман на Петре М. Андреевски.
Како и секоја добра (силна!) метафора, и таа е меч со две сечила. Таква е затоа што секоја добра метафора упатува на два контекста истовремено кои се исклучуваат. Два контекста се исклучуваат кога имаат, како база, две бинарни опозиции. Првиот контекст на метафората „пиреј“ е контекстот „жилавост“. Или, „неискоренливоста“ како главна одлика на есенцијалниот македонизам на кој се повикува водачот на опозицијата. Вториот контекст е оној на „коровот“ (дива трева!) кој, сите оние кои се занимаваат со земјоделство, го уништуваат и тоа со хемикали (пестициди) за да не им го уништи посевот.
Базата на тие два контекста се две прости реченици со глаголски центар: а) есенцијалниот „македонизам е неуништлив“ како пиреј! и б) тој „македонизам е див“ (коров, дива трева) за кој нема место во светот на културата. Било општа, како темел на цивилизацијата, било посебна, како агротехничката до која држи секоја цивилизација. Во метафората „пиреј“ тие два контекста се потенцијално дадени. Згора на тоа, тие се со подеднаква сила (енергија), а пак од таа сила се генерира и впечатливоста на метафората „пиреј.“
Затоа што метафората „пиреј“ како и секоја добра, силна метафора е меч со две сечила, лесно може да се случи да го сосече на парчиња оној што сака да сосече некој свој политички противник (Заев, во нашиов случај), како што го прави тоа водачот на опозицијата Мицкоски. Оној што сака да му затвори уста на лик (како Мицкоски) што брзо и лесно, а – неуко посега по метафори за да излезе уште побрзо и полесно на крај со политички противник, треба само да се повика на противположниот контекст – коров, дива трева, кој ќе го разобличи тој „есенцијален македонизам“ како тотален анахронизам.
Знае ли метафористот Мицковски дека неговиот анахрон, нафталински, „пиреј“-македонизам тешко може да си пробие пат до тоа што обично се именува како систем од модерни, цивилизациски, европски вредности? Ако не знае, тогаш секако – чувствува. Мошне добро зборува за тоа чувство онаа чудесна збрка во неговото искажување, чедо на чудесна збрка во – главата!