Метадон и бупренорфин на зависниците им издаваат гинеколози и ортопеди наместо психијатри, поради недоволно стручен кадар во дел од Центрите за зависности, а само 27 отсто од лицата кои инјектираат дроги или 1.800, се лекуваат од болестите на зависност од вкупно 6.800 зависни лица. Зависниците кои се стабилни предлагаме да може да подигнат метадон и бупренорфин и кај матичните лекари и во аптеките, за центрите да се растоварат, изјавија на прес-конференција од ХОПС, на денешниот Меѓународен ден за борба против дроги.
Граѓанскиот сектор денеска во целиот свет организира кампања „Поддржи, не казнувај“.
Лекувањето на зависниците сега се одвива во 12 центри распоредени во 10 градови.
– Иако лекувањето е во повеќе градови, дел од зависниците патуваат и по неколку часа дневно за да ја подигнат терапијата, некои ја земаат секој ден, а некои неколку пати неделно. Под европскиот просек е и тоа што се лекуваат само една третина од овие лица, а треба да се најмалку 50 отсто. Оние клиенти кои се стабилни и успешно функционираат терапијата да ја земаат од матичните лекари или евентуално од аптеки. Така ќе се намали бројот на клиенти во центрите за зависности и тие ќе функционираат порелаксирано, а стручните тимови ќе можат многу повеќе да се посветат на индивидуалниот третман на секој клиент поединечно. Со тоа ќе се зголеми квалитетот на лекувањето и ќе биде многу поуспешно. Значително ќе се намали злоупотребата на терапијата, ќе нема расфрлање на игли и шприцеви и граѓаните нема да бидат сведоци на негативни појави како што е случај со Центарот во Кисела Вода – рече Ивица Цековски, извршен директор на ХОПС.
Во врска со тоа колку од овие речиси 7.000 лица успеале да се ресоцијализираат, од ХОПС немаа податоци.
Нагласија дека зависниците се соочуваат и со проблеми при добивање здравствени услуги, дури и кога се во животозагрозувачка состојба.
– Лекувањето се спроведува во супстандардни просторни и хигиенски услови, а луѓето со посебни потреби и старите лица со отежнато движење немаат пристап до центрите за лекување. Простории за чекање, социјални и групни активности и тоалети за пациенти нема на речиси ниедна локација. Постои сериозен дефицит на кадар со соодветна стручна подготовка, особено на психијатри, во програмите за лекување низ целава држава. Во вакви услови не е можно следење на резултатите од лекувањето индивидуално за секој пациент, ниту пак препознавање и справување со психијатриски болести – предупредија од оваа организација.
И деца помали од 10 години инјектираат дроги
Фрапантно е што возраста на оние кои почнале да инјектираат дроги е намалена на под 10 години.
– И децата зависници немаат каде да се лекуваат, и тоа е проблем – рече Влатко Деков од ХОПС.
Оваа организација, која како што наведуваат, веќе 20 години предлага решавање на лекувањето на зависностите преку следниве мерки:
– Отворање центри за лекување на зависности во сите градови во Македонија, а најмалку 4 центри за лекување на зависности на различни локации во Скопје. Во овие центри да се воведе соодветна психотерапија и активности за ресоцијализација и реинтеграција. Воведување на психотерапија и активности за ресоцијализација и реинтеграција во сите центри за лекување зависности. А за протестите на граѓаните во Скопје за наоѓањето нова локација за постоечкиот Центар за зависности во Кисела Вода, решение и по 6 месеци, за жал, решение сѐ уште нема – нагласи Деков.
Околу 9 отсто од македонските граѓани пробале нелегални дроги во текот на животот, што е случај за речиси 19 отсто од младите од 15 до 24-годишна возраст. А 1,1 отсто од граѓаните во Македонија пробале опиоидни дроги.