Со средства од ИПА фондовите пред четири години на археолошкиот локалитет „Вардарски рид“ кај Гевгелија беше пуштена во употреба еко патека вредна околу 180.000 евра која денеска е во очајна состојба поради крајно неодговорното однесување на несовесните посетитетли во вечерните часови.
Урбаната опрема, која беше поставена покрај патеката долга 615 метри, речиси е целосно уништена. За неа сведочат останатите делови од описните табли, канделабрите, клупите, летниковците и другите придружни елементи кои на гевгеличани требаше да им понудат место за релаксација и одмор во слободното време.
Наместо тоа, ретките посетители, како што велат, инспирирани од глетката, се сведоци на резултатите од дивеење на вандали кои, за жал, успеале да демолираат сѐ.
– Ова е жалосно да се гледа. Крајно време е да се преземе нешто затоа што ние не сме дивјаци. Гевгелија не е град во држава од некој трет свет, туку од секогаш била порта кон Европа каде живеат културни луѓе – велат гневните посетители, граѓани на Гевгелија кои бараат од општината и надлежните институции секој да си го преземе делот од одговорноста.
Тие упатија апел до надлежните и општинските власти мерки за заштита да се преземат час поскоро за по четири години да не дозволат вака очајно да изгледа и излетиштето „Динќут“, кој со околу 170.000 евра беше преуреден во модерен спортско – рекреативен центар и пред некој ден беше свечено пуштен во употреба.