Месна заедница Галичник: Да не дозволиме да се фрли дамка ниту на Пулевски ниту на Селмани!

Во суштина сме вознемирени од идејата ова училиште, во центарот на Мијачијата од каде што потекнува Пулевски да се лиши од неговото име. Истовремено, убедени сме дека соодветна институција или објект треба да го носи името на Хајан Селмани, се наведува во реакцијата на Месната заедница Галичник.

1564

Месната заедница Галичник испрати реакција во однос на Одлуката на Советот на Општина Маврово и Ростуше за преименување на основното училиште во Ростуше од Ѓорѓија Пулевски во Хајан Селмани. Нивната реакција ја пренесуваме во целост:

„Пред месец и половина, низ медиумите и социјалните мрежи, се појави иницијатива за промена на името на основното училиште во Ростуше од Ѓорѓија Пулевски во Хајан Селмани. Иницијативата беше преточена во онлајн анкета по чие спроведување на седница на Советот на Општина Маврово и Ростуше, на крајот на октомври, беше усвоена одлука за преименување на училиштето. Одлуката има формални недостатоци (предлогот за нејзино донесување не е поднесен од овластен предлагач согласно Законот за локална самоуправа, анкетата не е спроведена, односно не е поддржана од потребен број избирачи од општината) поради кои имаме намера да ја оспориме, меѓутоа, тоа не е суштината.

Во суштина сме вознемирени од идејата ова училиште, во центарот на Мијачијата од каде што потекнува Пулевски да се лиши од неговото име. Истовремено, убедени сме дека соодветна институција или објект треба да го носи името на Хајан Селмани.

Во оваа смисла, би сакале да кажеме збор-два за тоа кои се личностите чии имиња се спомнуваат и кое е нивното значење.

Ѓорѓија Пулевски веројатно е фигура која како ниедна друга придонесла кон создавање на македонското национално ткиво и кохезија.

Како најзнаменит македонски револуционер, војвода, преродбеник, поет, учебникар, лексикограф, граматичар, фолклорист, историчар, меѓнички идеолог на македонското национално будење, Македонецот кој прв ја дефинираше македонската нација, порано и од народите кои создадоа свои независни држави. Пулевски е роден во почетокот на 19 век во преродбенскиот Галичник, околу 1821 година, и тој е најизразитиот, најплодниот и несомнено најголемиот македонист, кој освен пушката, го зграбил и перото согледувајќи дека македонскиот јазик е основниот темелен фактор за афирмација на Македонија и на македонскиот народ, како посебен народ во големото семејство на балканските народи. Воден од таа идеја и размисла, нанижа ненадминати капитални делакако првите македонски речници: Речник од четири јазика, Речник од три јазика, стихозбирките ‘Македонска песнарка’ и ‘Самовила македонска’, првата македонска граматика ‘Слогница речовска’, првата македонска општа историја од 1668 ракописни страници. Непубликувани и скриени неговите ракописни текстови остануваат: Родословница, Народна песнословница, Буквар, Обичаи и песни и многу други.  Учествувал во сите востанија и буни за ослободување на поробените народи под турското ропство, во Руско-турската војна и во Кресненското востание како началник на штаб, секогаш имајќи го предвид ослободувањето на Македонија, но и фактот дека не треба залудно да гинат македонските синови, зашто треба да се чуваат за конечното самостојно ослободување на Македонија без соседските интриги и подметнувања. Фактот што потекнува од Мијачијата е сам по себе доволен основ неговото име да го носи токму основно училиште во таа област!

Се плашиме дека пошироката јавност по овој чин може да стекне впечаток дека населението во општината не се идентификува со ликот и делото на Ѓорѓија Пулевски, во што не сакаме да веруваме.

Од друга страна, Хајан Селмани е еден од најзначајните современи македонски претприемачи, родум од Велебрдо, кој, за жал, прерано нè напушти, а имаше уште многу да каже. Создал и развил компанија за изработка и инженерство на програмска опрема и иновативни софтверски решенија пласирани на пазари низ целиот свет.

Селмани бил и познат филантроп и мотивациски говорник со бројни предавања одржани на теми поврзани со претприемништво, технологија, водство и мотивација. Добитник е на титулата Microsoft MVP (Most Valuable Professional) – почесна титула којашто Microsoft ја доделува на технолошки лидери и експерти низ цел свет со цел да им заблагодари и да покаже почит и внимание кон нив за достигнувањата и залагањата коишто ги прават во заедницата, пред сè со фокус на технологијата за која што се наградени со оваа титула.

Со неговото дело и неговиот успех се идентификува посебно помладата популација кај која со своите мудри изреки разбуди надеж.

Несомнено е дека Селмани заслужува неговото име и дело да бидат запаметени, и со него како со еден прекрасен пример од новата македонска историја да се идентификуваме сите.

Со оглед на сето ова, не би смееле да дозволиме, сите ние заедно, имињата на овие две личности да се спомнуваат во ниту еден друг контекст освен како точки на обединување и идентификација. Едниот како еден од најзаслужните за создавањето на колективниот идентитет, другиот како враќање на фокусот кон она што сме, што нè дефинира, во услови кога сме изложени на толку многу прашања и влијанија кои на моменти нè збунуваат. Додека соседите се обидуваат на секој можен начин да влијаат на нашето колебање, и по којзнае кој пат во историјата ги подбуцнуваат романтичните аспирации на своите нации кон нас (знаете, неодамна Мијаците беа прогласени за старо српско племе на српската национална телевизија!), најмалку што е потребно во нашиот ‘двор’ е неединство, оддалечување од точките на обединување и идентификација, а со тоа и слабеење на колективниот дух.

По долго размислување, одлучивме дека за доброто на сите треба да реагираме и да се обидеме:

Да го задржиме името на Ѓорѓија Пулевски на училиштето во Ростуше;

Да иницираме името на Хајан Селмани да се стави на друга општинска институција. На пример, во селото Жировница има гимназија која го носи името Јосип Броз Тито, а во Ростуше има спортска сала која се вика Партизан. Промената на некое од овие имиња не задира толку длабоко во корените на националниот идентитет, или пак

Да иницираме името на Хајан Селмани да се овековечи ставајќи го на институција на централно ниво од областа на информатичката технологија или претприемништво/да се воведе државна награда со неговото име која ќе се доделува секоја година за посебни заслуги во областа на информатичката технологија или претприемништвото/да се основа фондација со неговото име.

За крај, би сакале да издвоиме неколку цитати од двајцата умни луѓе од кои е очигледно дека суштината не им се разликува, единствено ерата во која делувале и во која ни го оставиле најдоброто во наследство.

Да не дозволиме да се фрли дамка!

„…Народ се велит луѓе кои се од еден род и кои зборуваат еднаков збор и кои живеат и се другарат еден со други и кои имаат еднакви обичаи, песни и веселби, тие луѓето ги викает народ, а местото во кое живее народот се велит татковина на тој народ. Така и македонциве се народ и местото нивно е Македонија…“ (Од „Тријазичникот“ на Пулевски)

„Јас сум онолку вреден и значаен, колку што правам и можам да направам нешто вредно, позитивно, значајно, добро и корисно за другите луѓе околу мене, за светот.”, Хајан Селмани

За Мијаците се вели: Мијаците се трудољубиви, образовани и снаодливи. Не се тврдоглави ни вообразени, не се авантуристи и знојет за мера во сешчоје. Кротки се и питоми, не се кавгажији и осорни, со глава зизд не разбивајет, токо на секоја тешкотија је сакајет мирен и споразумен пот. Од книгата „Галичник и Мијаците“ од Риста Огњановиќ – Лоноски, Скопје 2004.

Уверени сме дека овие карактеристики ќе ни помогнат и овој пат како секогаш.“

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...