Месиќ: Преспанскиот договор ќе овозможи евроатланска интеграција на Македонија

102

Преспанскиот договор би било подобро да беше постигнат порано бидејќи со тоа би се забрзал евроатланскиот пат на Република Македонија, а со тоа и нејзината поизвесна иднина. Меѓутоа одлична вест е дека е постигнат овој договор, кој е можеби најважниот договор по Втората светска војна во Европа, вели поранешниот претседател на Хрватска, Стипе Месиќ во интервју за албанскиот весник „Коха“.

Во интервјуто, Месиќ истакнува дека Преспанскиот договор сосема сигурно е договор кој ќе овозможи евроатлантска иднина на Македонија и на сите нејзини граѓани.

Во однос на албанскиот политички фактор во Македонија и неговата ангажираност во процесот на евроинтеграциите, Месиќ оценува дека Преспанскиот договор е постигнат со силна заложба, поддршка и содејство на албанскиот политички фактор во земјата.

– Со тоа албанскиот политички фактор покажа државотворност во време на турбуленции во самиот регион и уверен сум дека тоа е позитивно прифатено и оценето и во Македонија, но и во меѓународната заедница. Важно е дека албанската, но и сите етнички заедници во Македонија, својата иднина ја гледаат во полноправното членство прво во НАТО, а потоа и во ЕУ. Тоа е силен мотивирачки фактор за сите граѓани во Македонија – вели Месиќ.

Прашан дали се опасни идеите за размена на територии во време кога сите сили се насочени кон евроинтеграцијата на Балканот, Месиќ вели дека идеите за размена на територии и прекројување на границите треба засекогаш да престанат.

– Често истакнувам дека во овој регион во неодамнешното минато се водени четири војни за граници, а ниедна граница не е ниту за милиметар поместена. Мислам дека идеите за промена на границите и размена на територии се надминати и дека архитектурата на границите на овие простори е завршена со прогласувањето на независноста на Косово. Сега имаме свои држави во кои секоја етничка заедница може да живее во својот културен корпус, па така и Албанците кои живеат во Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија или некаде на друго место. Имаме Хрвати, кои живеат во Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, кои живеат во своите држави, но живеат и во своите културни корпуси. Така што треба засекогаш да престанат иницијативите за некакви прекројувања или корекции на државните граници – истакнува Месиќ во интервјуто дадена за „Коха“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...