Од мојата стручност и искуство, мислам дека новото возило може да заштити само од потежок митралез, но не и од експлозивни направи. Тоа е седми степен на заштита. Појаките и побогатите земји како Америка, Германија Русија, имаат возило од повисок степен на заштита, мислам дека веќе 9-ти и 10-ти, кажа вработен во МВР, кој во времето на мандатот на Никола Груевски работел во одделот за обезбедување одноано проверка на објекти и трасина движење.
Тој денеска сведочи на судењето за блиндираниот мерцедес во одделената постапка против министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Како што кажа сведокот, стариот мерцедес бил со четврти степен на заштита.
– При проверката на блиндираните возила од безбедносен аспект можам да кажам дека претходното беше доста старо возило, по некои табели тоа е четврти степен на заштита. Мислам дека штити само од пиштол и пушка. Во текот на работата се случувало да проверам едно, па потоа да ме повикаат да проверам друго возило зошто тоа што е веќе проверено се расипало и било во сервис. Кога беше на сервис често се случуваше да позајмат некое друго возило, мислам дека беше џип со златна боја кое не ги задоволувале стандардите. Често сугериравме на шефовите дека има потреба од ново возило – кажа сведокот посочувајќи дека во новиот мерцедес се превезувале и странски делегации.
Тој рече дека со оглед на тоа што во државата има три личности со прв степен на заштита, премиерот и претседателите на државата и Собранието, како и на странските делегации кои доаѓаат, потребно е да се набават уште најмалку пет нови блиндирани возила.