Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко денеска се саморазвласти во делот на ингеренциите во урбанизмот. Тој преку писмо соопшти дека се откажува од ингеренциите врз Општината и бара од Владата таа да почне да раководи со градот Струга.
Во писмото Мерко го информира премиерот Зоран Заев дека со намера спроведување на законите, сите надлежности на Општината за урбанистичко планирање градежни дозволи и давање на концесии како и во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО и ги предава на Владата.
Според Мерко, вакавата одлука е резултат на последните случувања и долгорочната кампања која се води против градот Струга и него како градоначалник.
Кавгата за урбанистичкиот хаос во Струга почна во март поради предложените измени на Законот за градежно земјиште предложени од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со кои државата ќе стопанисува со охридските плажи наместо општините.
Тогаш Мерко бурно реагираше и го праша Сугарески кај ќе ги носи плажите, во Прилеп?
Мерко тогаш беше категоричен дека ќе се споротивстават на предлогот на Сугарески.
Струшкиот градоначалник во одземањето на плажите од локалната самоуправа тогаш рече дека гледа тенденција на Министерството за транспорт против Струга. Тој смета дека стопанисувањето со плажите треба да остане на општините или ако се одземат ингеренциите тоа да важи за сите општини, а не само за охридските плажи.
На прашањето на Плусинфо што доколку и пратениците на ДУИ го поддржат законот, Мерко вели:
– Нека го донесат законот, па на пратениците ќе им ја дадеме и Општината, нека управуваат и со неа. Со ваквата одлука министерот Сугарески директно прави штета на претстојната туристичка сезона во Струга.
Министерот Сугарески по ова му одговори на Мерко дека предлогот за преминување на управување на плажите на државно ниво е за сите плажи не само оние на Охридското Езеро. И дека никаде не мисли да ги носи плажите, но дека мислам оти е подобро управувањето со плажите да го земе владата.