Градоначалникот на Општина Струга Рамис Мерко го повика министерот за транспорт и врски Горан Сугарески да дојде во Струга со надлежните инспектори и да направат контрола долж крајбрежјето за надминување на проблемот и обвинувањата за нелегално издавање на плажи под концесии.
По најавите на ресорниот министер за измени на законот, со што ќе им се одземат ингеренциите на општините Охрид и Струга да стопанисуваат со плажите долж крајбрежјето, Мерко смета дека моментално треба да има соработка меѓу локалната и централната власт.
– Го повикувам министерот да дојде во Струга со надлежните инспктори да го прошетаме крајбрежјето и да кажеме каде може да се издаваат концесии да ги издадеме и каде не може да не издаваме, а не да го упропастиме крајбрежјето во Струга. Мислам дека ако некој изјавува нешто треба да дојде на лице место да ги разгледаме сите проблеми ако ги има и заедно да постапуваме ако треба – изјави Мерко.
Тој вели дека во Општина Струга немало пристигнато ниту една преставка за нелегално градење, ниту за нешто што на некој начин му наштетува на еко-системот.
Струшкиот градоначалник смета дека се води хајка против локалната самоуправа и против туризмот во Струга, од кој егзистираат голем број семејства. Минатата година забележа дека во Охрид биле издадени, односно продолжени концесии на 30-тина плажи, но никој не реагирал.
– Во Струга нема издадено ниту една концесија и уште се прави голема врева дека тука е криминалот, корупцијата, незаконското градење … Најодговорно тврдам дека нема ништо од тоа. Само се прави хајка општина Струга да нема туризам. Струга и останатите туристички места ќе продолжат да живеат од туризам. Ќе тежнееме да направиме што подобра туристичка понуда да живее градот и да егзистира населнието – вети Мерко, додавајќи дека во Охрид се градат хотели во езерото, а никој не реагира, а за Струга се прави негативна пропаганда.
Одговори и на обвинувањата за неотстранувањето на платформите во Радожда, за кои ако се отстранат вели дека селото ќе се исели.
– Радожда е познато по тие ресторани кои служат риба. Селото егзистира од тие пет – шест ресторани, тоа е туристичко и рибарско село. За да опстанат треба да ги направиме подобри, а не да ги рушиме, рече градоначалникот, нагласувајќи дека локалната самоуправа ќе направи се за развој на туризмот, а не да ги брка туристите, кои се најзастапени еден месец во лето.
Тој побара од институциите да внимаваат и на продажбата на плажи што се вратени со денационалнзација на имотот.