Меркел ќе ја завери македонската државност и националност

Германската канцеларка ја остава за момент својата пренатрупана и компликувана внатрешна агенда за да дојде во Македонија во тројно својство: како претставник на германскиот и на европскиот безбедносен и геополитички интерес од највисок маштаб и како нотарка кај која Македонија ќе може да ја завери својата модерна државност и националност. Нели тој гест заслужува поклон до земја? Данке Дојчланд!

779

Гоце го разбирал светот, но светот не го разбирал Гоцета. Сто и петнаесет години потоа, Мицко не разбира ништо, а светот ја држи за рака и се радува со Македонија како родител со своето прваче на трети септември. Нели е ова единствен феномен?

Германската канцеларка да ја остави за момент својата пренатрупана и компликувана внатрешна агенда и да дојде во Македонија во тројно својство: како претставник на германскиот и на европскиот безбедносен и геополитички интерес од највисок маштаб и како нотарка кај која Македонија ќе може да ја завери својата модерна државност и националност. Нели тој гест заслужува поклон до земја?

Данке Дојчланд! Не како поза и патетичен излив, туку како вистинско внатрешно доживување на едно саморазорено општество. И нели е поразително, наспроти сите надворешни симпатии и заложби, внатре да имате структура која што ја разбира Македонија како поле за примитивна конфронтација со светот. Како поле на најнеприродната можна спротивставеност низ која ВМРО ја хендикепира Македонија и ја фаворизира вмровштината според принципот: колку е поголема дистанцата со светот, толку е посилна фрицелската прегратка внатре.

Отсуство на логика

Во најновиот ред на случувањата, името беше инструмент на таа дистанца кон надвор и на изолацијата и невидената деформација кон внатре. Нови се два битни момента: Македонија успеа да го тргне ВМРО-ДПМНЕ од кормилото на бродот и да инсталира, во извршна и идејна смисла, проевропска екипа, а светот, и преку таа смена и со поведенијата потоа, реши дека статусот на Македонија, особено на фонот на долгогодишната вмровска катастрофа, не смее да биде само нејзино прашање или само прашање на нејзината воља, односно дека и светот, во сета своја испреплетеност и поврзаност, има тука легитимни интереси.

Договорот со Грција, референдумот и евроатлантските перспективи, се аспекти на тие состојби, капацитети и процеси. На страната на Македонија, веројатно прв пат во ваков обем и единство, е најсериозната можна содржина, ресурси, пријатели, пари, признавања, гаранции, држави, лидери, елити, интеграции, неверојатно внимание, ангажман и добронамерност, а на страната на ВМРО-ДПМНЕ се фразата (името, националните интереси, ако ве предадам-убијте ме) и празниот, смешен, глупав ритуал (мислењето како процес низ кој празната глава покажува колку е празна, смешнодраматични соопштенија од кои луѓето прават фишеци за семки, маршеви, иселенички пикници на кои илјада души ќе соберат 145 евра за одбрана на името, а потоа ќе бараат да им се вратат), а и фразата и ритуалот (Јерговиќ) се тука како елементи на комуникацијата што не го поднесуваат разумот, односно го протеруваат на крајните маргини на своето постоење.

Првин помислив дека зборовите на Богојески се шифри што можат да ги разберат само мелиорираните мозоци на чипираните идиоти. Тој им порачува на националистите да излезат на референдумот и да гласаат против Договорот со Грција, затоа што, внимавајте, само брзиот влез во Европската унија и во НАТО можат да ја обезбедат иднината на нашите семејства и на Македонија!? А како цреша на тортата од овој обилен пролив, е ставот: само така ќе го спречиме СДСМ да го одолговлекува зачленувањето на Македонија во евроатлантските интеграции!? Нох ајнмал: СДСМ го одолговлекува зачленувањето на нашата слатка државичка во НАТО и ЕУ, а со соборувањето на Договорот со Грција, ВМРО-ДПМНЕ ќе го забрза!!!!

Помислив дека отсуството на логика и здрав разум во исказот го диктираат стандардите на тајното писмо на организацијата со долга рака и кратка памет. Зашто, гледајте, тоа што тој го зборува е исто како Тарчуловски да ја повика сопругата да скокне од малку повисока тераса за да можат, конечно, да живеат во љубов, среќа и заемно разбирање. Или како Мицкоски да бара да го убијат за да може да ги води вмороните во битката за ново освојување на власта. Или како Ванковска да изјави дека ќе го бојкотира референдумот и ќе ја откаже претплатата на „Гардијан“, бидејки е против договорот со Грција и затоа на референдумот ќе гласа „за“. Како некој да рече дека Меси дава голови за Барса за да може Реал да го стори првак на примера!

Потоа го искористив правото да повикам помош: ало, реков, двоен „џејмисон“ со две коцки обезбактеризиран мраз, молам! Алкохолот ми ги отвори горните чакри и јас почнав да сфаќам дека Богојески користи контрадикторни позиции за да може да ги извади вмороните на гласање така што ќе им даде гаранции за простачкиот и примитивен идентитет. Како може гласањето на референдумот да се претстави како доволно глуп гест за да може вмронската примитивност да го разбере како гаранција за себе и работа што мора да се изврши!? Така што ќе и се рече дека и гласањето против е глас за Македонија и дека гласањето против Договорот со Грција ќе ја забрза нашата интеграција во НАТО и ЕУ!!!

Мрестење на кретените

Тоа се вика летно мрестење на кретените. Во плитокот на фразата, при што колку е поглупава фразата, мрестењето е поуспешно. Отсуството на логика и смисла е првиот комуникациски услов на тој идентитет. Мисијата на Богојевски е благородна. Или јас сакам да верувам дека е таква. И во однос на референдумот односно на Македонија и во однос на чипираните идиоти.

Но, има едно големо но. Неговата елаборација е под нивото на неговите заложби за дистанца од политиката на ниските страсти. Обратно, тој и се додворува на таа политика. Имам впечаток дека тој ги знае разорните последици на примитивизацијата на општеството и, се разбира, на самата партија, во исполнение на ВМРО-ДПМНЕ. Тој бетонски ѕид од форсирано произведен кретенизам, е најстрашното наследство од власта на вмроните. Важни синапси на луѓето, особено на луѓето кои во меѓувреме станаа некакви фигури, се скинати, тоа е повеќе од очигледно. И сега, наместо како реформатор да земе игла и конец и да се обиде да сошие некои мозочни врски, тој скока по станиците на примитивизмот и ниските страсти како авантуристички спортист со точакот, веслата и јажињата на најниските нивоа. Обаче, не!

Еманципација, враќање на излеаната река на простаците во коритито, политичка а не епска конфронтација, ослободување од шупливата фраза и пополнување на празното место со реална политичка содржина, категорична ограда од злосторниците, враќање на опљачканиот имот, извинување, тоа се физиотерапеутските и инвазивни методи со кои можат да се залепат испокинатите синапси и ВМРО да се рехабилитира.

П.С.

Не елитите, политиките, културните модели и нивото на благосостојбата. Примитивната и злосторничка политика измислува нови формати за несреќата на луѓето и тоа го прикажува како свое остварување и саможртва на фестивалот на таканаречените национални победи. На Гуча за луѓето труби. Проблемот е во тоа што промената на границите, без промени во културната матрица, никогаш не завршува во првиот или со вториот или третиот обид, туку трае како динамизирачки елемент на смртта до последниот човек што мисли дека е нормален.

Промената на границите е ново ниво во играта на балканските идиоти.

Франција била против. И Германија била против. Се надевам дека сите на крајот ќе бидат против производството на смртоносниот преседан во кој нормалниот човек не може да ја види разликата меѓу собирањето на етницитетите во посебни држави и во гасни комори. Да не зборуваме за извесните перспективи на војната.

Во еден скорешен текст, во една сериозна заебанција, излегов со идејата околу Балканот да се формира херметична санитарна зона, да им се даде на нациите рок од еден месец да се вооружат, да се обезбеди дека живо пиле нема да може да прелета надвор од овој простор и потоа да се даде знак за почеток на воените операции, без мировни преговори, без конференции, без посредници, до последниот преживеан, кој потоа ќе може да се распостеле врз целата територија и да прогласи дека е негова.

 

„Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...