Германската канцеларка, Ангела Меркел во недела ќе го убедува претседателот на Франција, Емануел Макрон да даде зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, откако француски дипломати денеска повторно најавија дека планираат да го блокираат почетокот на преговорите за членство во ЕУ со С. Македонија и Албанија.
Официјален Париз не отстапува од намерата да го блокира почетокот на преговорите со С. Македонија и Албанија на министерскиот совет во Луксембург следната недела, известува германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на дипломатски извори, пренесе Дојче Веле на македонски.
Франција смета дека реформските напори во двете земји не се доволни и бара фундаментални промени во процесот на пристапување како предуслов за почеток на преговорите, како и тоа дека процесот е премногу технички и е тешко да се сопре доколку нема позитивен развој.
„Оној кој сега ќе го блокира процесот на пристапување ќе сноси одговорност за можната дестабилизација на нашето соседство“, вели дипломатски извор на ДПА.