Меркел: Признание за Заев и Ципрас на храброста за постигнатиот договор

314
Photo: EPA / RONALD WITTEK

Германската канцеларка Ангела Меркел им оддаде признание на премиерите на Република Северна Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас за нивната храброст да постигнат договор и да го надминат повеќедеценискиот спор, овозможувајќи ѝ на тој начин влез на Република Северна Македонија во НАТО.

– Во секој конфликт може да се најде решение доколку се покаже храброст – истакна Меркел на Минхенската конференција за безбедност.

Таа, меѓу другото, предупреди и дека мултилатералниот светски поредок се распаѓа, но тоа не значи дека треба да се уништи. Меркел ја критикуваше изолационистичката и националистичката политика на американскиот претседател Доналд Трамп.

– Мора да се бориме за Европа, за мултилатерализмот, против оние кои мислат дека можат се сами – нагласи Меркел.

Ретко во досегашната историја имало толку многу несогласувања меѓу САД и Германија. Моментно овие две земји имаат спор околу Иран, одбранбената пресметка и гасоводот Северен тек кој треба да достави руски гас во Германија.

Берлин е загрижен за мултилатералната соработка по повлекувањето на САД од неколку меѓународни договори, вклучувајќи ги Парискиот климатски договор и иранскиот нуклеарен договор, двата потпишани во 2015 година.

– Кој ќе ги собере парчињата од распаѓањето на светскиот поредок? Ние. Сите ние, заедно, порача Меркел во својот говор на Минхенската конференција за безбедност.

Photo: EPA / RONALD WITTEK

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...