Харизматичната германска канцеларска Ангела Меркел, која сè уште има шанси да ги претрка Аденауер и Хол во должината на траењето на мандатот, на тукушто завршениот „самит на врвот“ на Европската Унија, дојде во едно од своите црвени сакоа чиишто џебови овој пат натежнуваа од хамлетовското прашање: да се биде или не? Во едниот џеб Унгарецот Виктор Орбан, познат како најзакоравен противник на имигрантската политика на Меркел и Европската Унија, а во другиот џеб, во кој собира повеќе тежина – најавеното разијдување на нејзината ЦДУ со вековниот, уште малку, коалициски партнер – баварската ЦСУ и нејзиниот лидер Хорст Зеховер, кој истовремено е и сојузен министер за внатрешни работи.Една причина – двајца противници.
Што се однесува до Меркел, извесно – којзнае колку – време може да здивне: самитот заврши така што „сè е добро кога добро ќе се заврши“ – и Меркел остана на нозе, и Орбан и Баварците останаа задоволни. Меркел се договори со Грција и Шпанија од Германија да се вратат назад бегалците што дошле преку овие две земји. Италија одби ваков договор, а нејзиниот министер за внатрешни работи Матео Салвини рече дека сите италијански пристаништа ќе бидат затворени за бродовите со мигранти и дека „невладините организации коишто се занимаваат со оваа работа ќе ја видат Италија само на разгледници“. Кочоперниот „инаетчија“ Орбан го опиша самитот како успех на Вишеградската група, потцртувајќи, не по првпат, дека Унгарија нема да биде имигрантска земја. Постоеше закана дека мигрантите од бегалските кампови да бидат распоредени меѓу европските земји, рече Орбан. „Успеавме да го спречиме овој предлог и да се прифати нашиот предлог“, додаде тој. А предлогот на Вишеградската група (Полска, Чешка, Унгарија и Словачка) јасно вели дека никој не може да се префрли од бегалските кампови во друга земја без нејзина согласност. Како резултат на тоа, Унгарија, според Орбан, нема да стане земја на имигранти, туку ќе остане земја на Унгарците. Тоа што мнозина укажуваат дека во неговите искази има висока доза на популистичка самоувереност, на Орбан, очигледно, воопшто не му е важно. Си ја турка тринаесеттата година во унгарската премиерска фотелја.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш, пак, смета дека бегалските квоти се тема веќе четири години, овој проблем, пред сè се совлада на ваков начин и предизвика големи спротивставувања и расправии.
Повеќе збунети, отколку задоволни, Брисел го напуштија и Италијанците. Не криеја дека веќе ме можат сами да го издржат напливот од имигранти, но сепак се согласија да попричекаат уште малку – да се види, да се знае, дека ветувањата што им беа дадени се вистински. „Отсекогаш сите велат: ‘Да живее Италија’, а потоа Италија останува сама“, рече шефот на италијанската антиимигрантска партија. Сега најпосле сакаме да знаеме колку пари и какви сили ќе ни бидат достапни“. Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини отворено рече дека веќе не им верува на зборовите кога се во прашање договорите.
За Ангела Меркел од посебна важност е оценката на коалицискиот партнер ЦСУ дека работите се движат во добра насока. Таа, како што е познато, се соочува(ше) со длабока криза на својата влада поради спорот околу европските решенија на „мигрантското прашање“ со министерот за внатрешни работи Зехофер. Тој, пак, рече дека Германија не мора да го прифати секој седми азилант во Европа. Спорот меѓу ЦДУ и ЦСУ стивна, но на жарчето не му фали многу да пламне. Третиот коалициски партнер, СПД, ги повика да ги завршат меѓусебните расправии и да се свртат кон суштинските обврски.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц уште еднаш ја потврди блискоста со Вишеградската група по прашањето на мигрантите.
А мигрантите? Само оваа година илјада од нив завршија како давеници во медитеранските длабоки води. Во кој мигрантски логор, во која пустелија ќе ја дочекаат реализацијата и на овој договор на ЕУ, кој се разликува од досегашните најмногу по тоа што зад него веќе не стои толку цврсто неприкосновената Меркел? Всушност, уште отсега се гледа дека бриселскиот компромис за мигрантите повеќе личи на список на желби и надежи кои можат да бидат поплавени од големиот бегалски бран што се најавува. Компромисот е скуден со конкретни мерки.
Тешко е да се објаснат последиците од судирот помеѓу ЦДУ и ЦСУ и од политичката криза што би произлегла од тоа. Во многу земји регионалните партии ја сочинуваат националната власт, но толку блискиот однос на ЦСУ со сестринската ЦДУ (обете се родени во хаосот по Втората светска војна) има долговечна „посебна специфична тежина“. Сестринскиот договор предвидува ЦДУ да постои во сите други држави (денес 15), но да нема кандидати во Баварска, каде што ЦСУ си останува во матичната држава. Во националниот парламент ЦДУ у ЦСУ формираат една група. Автор на оваа формула е бившиот лидер на ЦСУ, познатиот Франц Јозеф Штраус, кој едно време, во далечната 1976 година, за кратко, ја раскина љубовта со ЦДУ. Актуелното раководство на ЦСУ покажува дека сака да ја симне правта од Штраусовото наследство. И како да се сака да се вбризгра малку популизам во партискиот крвоток. Овој судир не е отсега, ами од почетокот на бегалската криза во 2015 година. Оттогаш се наѕира дека Шехофер има (скриена) намера да ја раскине парламентарната унија, што би значело и уривање на Ангела Меркел. Но, никој не може да се обложи на тоа кој би го изел подебелиот стап од еден ваков расплет. Не се рекло џабе: домашниот есап на излегува на пазар.
Пишува од Прага
Ристо Лазаров
Објавено во „Слободен печат“