Ниту еден од шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската Народна Партија денеска не сакаше да коментира за одобрениот азил на Никола Груевски во Унгарија (ЕПП).
Единствено еврокомесарот за проширување Јоханес Хан искоментира дека ќе се обиде да го праша Виктор Орбан за појаснувања на маргините на средбата.
Пред Самитот на ЕУ секоја политичка партија се состанува на партиско ниво за координација. На предсамитот на ЕПП беа присутни, меѓу другото, Виктор Орбан, Ангела Меркел, Жан Клод Јункер, Андреј Пленковиќ, Себастијан Курц и други.
Јоханес Хан, кој е инаку и потпретседател на ЕПП, за МИА изјави дека не очекува никаков одговор од Орбан, освен дека се е согласно законот и владеењето на правото во Унгарија.
Запрашан дали стравува дека Будимпешта би можела да ја блокира Македонија во делот на судството поради Груевски, Хан изјави дека „очигледно не“.
– Имавме состанок неделава во Советот за надворешни работи и потврдено беше дека Македонија е речиси водечка земја во процесот на проширување во регионот – рече Хан.
На влезот на предсамитот на ЕПП МИА го праша и кандидатот на оваа партија за следните европски избори, Манфред Вебер, дали има став за азилот на Груевски, но тој само кусо одговори дека нема да ја коментира оваа тема.
Виктор Орбан и Себастијан Курц, исто така, одбија да одговорат на прашањето.
Хрватскиот премиер Пленковиќ изјави дека е запознаен со овој случај, но дека „за сега не сме расправале за тоа“, без да даде повеќе детали за тоа дали темата воопшто ќе дојде на дневен ред.