Германската канцеларка Ангела Меркел доаѓа во Македонија во момент кога во рамки на ЕУ е на пат да се создаде нов фактор на моќ. Станува збор за сè позасилени заложби од страна на група политичари кои настојуваат да промовираат и нов регионален идентитет како противтежа на германско-француската алијанса што традиционално е највлијателна во Унијата. Тоа претставува директен предизвик за Меркел и за францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон, во интервјуа за Шведската телевизија, децидно потврди дека прифаќа да биде назначен за главен непријател на националистичкиот бран во Европа. Тоа што јасно се гледа, според францускиот претседател, е силна спротивставеност меѓу националистите и тие што поттикнуваат пропаганда на ширење омраза, од една страна, и прогресивните сили, од друга.
Неодамна на заедничка пресконференција унгарскиот премиер Виктор Орбан и италијанскиот министер за внатрешни работи Салвини, кои се сретнаа за, меѓу другото, да дискутираат за стратегијата во пресрет на изборите за ЕУ-парламентот наредната година, зборуваа за миграциите кон Европа. Според зборовите на Орбан, унгарската политика покажува оти миграциите навистина може да бидат сопрени.
Макрон, кого сметаат за главен противник, бидејќи е за миграциите, од своја страна остро ги критикува таквите гледишта, нагласувајќи во споменатото интервју дека европската политика на Орбан нема кредибилитет, со оглед на тоа дека „него го интерсира европската соработка најмногу кога Унгарија треба да добие пари од ЕУ-фондовите“? Дали Унгарија би можела да го постигне својот развој без ЕУ, прашува Макрон.
Токму околу мигрантската политика се очекуваат остри спротивставувања во наредниот период. Јадрото во групацијата што се наметнува како нов фактор на моќ е Вишеградската четворка: Унгарија, Полска, Чешка и Словачка. Кон таа група се доближуваат и политичари со слични гледишта и ставови од земји како Австрија, Бугарија, Словенија и Хрватска, а од пред извесно време и Италија. Критичките ставови кон прифаќањето азиланти и мигранти се очекува да доминираат и на драматичните избори во јужната германска покраина Баварија во октомври, чиј исход би можел да ја загрози позицијата на коалициската Влада во Берлин.
Виктор Орбан е најпрофилирана личност во Вишеградската група, но исто така има и силна позиција во рамки на Европската народна партија (ЕПП), моментно најголема групација во Европскиот парламент. Но и покрај тоа, тој сепак отворено ги критикуваше своите партиски пријатели во ЕУ-институциите како некомпетентна либерална елита, неспособна да ја одбрани Европа од мигрантите и исламот.
За разлика од вообичаената реторика на ниво на ЕУ во Брисел, Вишеградската група ја нагласува положбата националната држава како гаранција за демократијата. Тоа, како што често се вели, очигледно ги отсликува историските искуства на овие земји од периодот на Студената војна.
Како најважно прашање за соработка на Вишеградската група земји се изделува контролата на надворешните граници со цел да се сопрат илегалните миграции, а во таа област соработуваат и со земји како Македонија и Црна Гора. Кога Жан-Клод Јункер и Ангела Меркел во јуни годинава набрзина го свикаа неформалниот мини-самит за азилантската политика, Вишеградската четворка го бојкотираше самитот, испраќајќи на таков начин јасен сигнал за своето стојалиште во однос на мигрантската политика на Брисел.
Вишеградските земји сè понагласено се залагаат за афирмирање на карактеристиките на својата посебност во рамки на ЕУ, давајќи едновремено значајна финансиска поддршка на тинк-тенк организации за унаопредување на културни иницијативи и дискусии во насока на тоа што претставува и што е тоа што се нарекува централноевропски идентитет.
Симпатиите на Меркел се најблиски до политичките заложби на „ЕУ-федералистот“ Макрон, но, сепак, тешко би можело да се очекува дека германската канцеларка премногу остро ќе се спротивстави на Вишеградската четворка, имајќи предвид дека овие земји, покрај Кина, моментно се најважниот извозен пазар за Германија. Токму затоа и распоредот на силите во рамки на Унијата постојано се насочува кон нови тежишта.
Меркел во изминатиот период јасно ја изрази и германската поддршка за јакнење на соработката на ЕУ со своето непосредно соседство и забрзување на динамиката за регионална соработка и приближување на Западниот Балкан до ЕУ. Ви прилог на тоа секако зборуваат и поддршката на Меркел за изнаоѓање на компромисно решение за грчко-македонскиот спор за името, како и нејзиното најново спротивставување на идеите за размена на територии и корекција на гранците што би можеле да отворат нова спирала на нарушување на безбдноста и стабилноста во регионот.
Како еден од најзначајните лидери на ЕУ, Меркел, во заложбите за јакнење на европските перспективи на Западен Балкан, гледа и потреба од засилување на единството на земјите од јужна Европа со ЕУ. Таквата поддршка, без оглед дали и еден јужноевропски идентитет би можел да се наметне како заеднички фактор и пратнер во односите со Германија и ЕУ, Меркел секако ќе ја изрази и при нејзината посета на Скопје, во пресрет на референдумот за (јужно)европска Македонија.