Читам деновиве за некои експлозии од сајбер војната што ВМРО подло, но упорно ја води против Македонија и Македонците. Лансираа, велат, лажни гласини дека НАТО ќе користел бомби со осиромашен ураниум на воениот полигон Криволак. Министерството за одбрана ургентно и остро ги демантираше овие вмровски малоумштини, но очигледната штета од специјалната војна што ВМРО веќе предолго време ја води против постоењето на македонската република е неспорна. Оваа – и безброј други! – злонамерни лаги што Штаб-квартирата на ВМРО ги емитува во менталниот етер на Македонците, за жал, секогаш ја погодуваат целта.
Зошто, ќе прашате? Па, затоа што злата намера никогаш не промашува! Оваа нејзина моќ најубаво ја опишал Жан Жак Русо: „Од сите зла што ни се случуваат, ние сме позасегнати од нивната намера отколку од учинокот. Ќерамида што се откачила од покрив може да нè повреди навистина сериозно, но таа рана ќе биде помалку длабока од онаа што ја прави камен фрлен од злонамерна рака. Каменот може и да промаши, но намерата секогаш ја погодува целта.“ Потребен ли е додатен коментар?
Зла намера
Злата намера на ВМРО насочена кон македонскиот државен и културен проект, постои од неговото основање во 1920 година и трае непрекинато до денес. Кога се раѓаше македонската држава во антифашистичката војна, ВМРО беше со фашистите и ги убиваше македонските комунисти – носителите на првата македонска државност. Кога во југословенската федерација се еманципираа и обликуваа сите елементи на македонската држава, нација и култура, ВМРО од великобугарски позиции го негираше постоењето македонскиот јазик и на македонскиот народ. Кога ја градевме меѓународната позиција во деведесеттите, ВМРО закажуваше конгрес во Солун и го саботираше приемот на земјата во Обединетите нации. А, кога дојде на власт 1998 година, за само три години нè фрли во граѓанска војна што за малку ќе ја разнебитеше земјата и ја ограби татковината толку темелно, што веќе не можеше да се одлепи од калливата надолнина по која почнавме да се лизгаме. За, на крајот, да воспостави мафијашко-партиска држава од 2006 година па сè до минатата година, во која практично го оствари својот паразитски генетски запис: уништувањето на „домаќинот“ со чијашто крв се хранеше.
И, како реагира „домаќинот“ денес, кога сме ѓоа „ослободени“ од вмровскиот крлеж? Го носи гордо, како псевдодемократска значка во форма на крлеж, закачена на гола кожа, за да може и понатаму да ни ја вбризгува во крвта лајмовата болест, нивната вечна зла намера…
Вмрониумот зрачи од секаде
Но, што ми беше првата мисла? А, да: целиот државен одбранбен апарат се возбуди (со право) поради лажни гласини за непостојниот осиромашен ураниум, што никогаш нема да осамне во онаа ненаселена вукојебина од Криволак, а, ниту еден министер, генерал, полицаец, во униформа или цивил, каков и да е претставник на власта, не изрази – до денешен ден – ниту бегли знаци на загриженост за здравјето на населението што е веќе со годиништа изложено – насекаде и во чудовишни, сеуништувачки размери! – на убиственото зрачење на Ментално Осиромашениот Вмрониум!?
Не слушнавте ниту вие? Па, тоа е остриот врв на вмровското најубиствено оружје: Ментално Осиромашен Вмрониум е идејната антиматерија од која се изградени сите вмровски градби… и Александар, и неговото семејство, и одвратните зданија и споменици од вмрококо стилот што го претворија скопје во цивилизациска септичка јама, и нивната штаб-квартира… Да, и нивната Casa del Fascio, крената на украдена земја, изградена со украдени пари, пред која сите ние изградивме еднопартиски фашистички плоштад, на кој сè уште весело жубори партиско-мафијашката фонтана, со високоеректиран партиски симбол од народна македонска, демек патриотска бронза?!
Од ментално осиромашениот вмрониум се изработени и илјадниците книги, малоумни преводи, фашизоидни учебници, ТВ-серии со историско ударение, безмалку илјада дебилни закони и многу повеќе прописи и друга вмронска бирократска радиоактивна супстанција. Вмрониумот зрачи од секаде, тој нè затру сите, а ни ги озрачи и децата…, а ние спокојно весламе како да е сè океј, небаре поминавме низ вмровскиот радиоактивен облак како низ водена пареа чиишто партали се виорат околу нашите крилја, што нè носат кон осончениот хоризонт?
Клучниот симптом
А, токму нашата колективна несвесност за опасноста од зрачењето на Ментално Осиромашениот Вмрониум, е клучниот симптом на луѓето што ја примиле „полната“ доза од овој уништувачки контаминат, зашто вмрониумот ги кретенизира сите што ќе потпаднат под неговото зрачење! Кретенизирачкото зрачење на вмрониумот го поттикнува создавањето на вонклеточниот амилоид-бета плак во нашите мозоци, што потоа ги попречува и уништува неуронските синапси и конечно ја предизвикува и смртта на неуроните.
Изложеноста на зрачењето на вмрониумот така ја поттикнува прогресивната неуродегенерација, која кај озрачените првин ја уништува меморијата, а потоа доаѓаат и другите симптоми на вмронската деменција: губење на моќта за препознавање, разумно расудување, исчезнување на личноста и обесчовечување. Симптомите се исти како кај Алцхајмеровата болест, со таа разлика што болните од вмронска деменција се организирани во најбогатата партија во Европа и себеси се сметаат за патриоти.
Кога македонското општество ќе стане свесно за смртоносното делување на Ментално Осиромашениот Вмрониум и дали навреме ќе успее да ги евакуира огромните наслаги од овој убиствен контаминат од животната средина? Ќе ни помогне ли претстојниот референдум за нашата иднина во ова освестување? Или веќе сме премногу озрачени и кретенизирани?