Ракот на кожата е најчестата форма на рак во светот. Ракот на кожата може да се лекува, ако се открие во раната фаза на развој. Научете како да се спречи и излекува ако се открие на време!
Секој човек може да добие рак на кожа. Имате зголемен ризик за рак на кожа ако: имате светла кожа или сте предиспонирани да горите на сонце, сте имале изгореници во текот на детството, престојувате на сонце долго време (професија или хоби), се изложувате на интензивно сонце во краток временски период (на летен/зимски одмор), користите солариуми, имате повеќе од 50 бемки, имате семејна историја за рак на кожа, ако сте возрасни над 50 години или имате трансплантирани органи.
Оттука ракот на кожата е приоритетен глобален јавно-здравствен проблем. Бројот на случаи на рак на кожа расте многу побрзо во споредба со другите форми на рак (Globocan 2018).
Меланомот или „големиот имитатор“
Во нашата земја меланомот e сѐ почест, што е во согласност со светските трендови. Меланомот се нарекува „големиот имитатор“ и често не се препознава на прв поглед, бидејќи тешко се разликува од обичните бемки или другите тумори на кожа. Често пати се случува болеста кај пациентите да се открие и сосема случајно во текот на дерматолошкиот преглед кој се изведува поради постоење на друга кожна болест.
Основно и најважно е да ја познаваме сопствената кожа. Инсистираме на редовни самопрегледи на кожата на целото тело, за што е потребно едно големо огледало, мало рачно огледало и добро осветлена просторија. Треба да се научат пациентите како да го изведуваат самопрегледот и да внимаваат на делови од телото како грбот, задната страна на надлактиците и надколениците, косматиот дел на главата, ноктите, гениталиите, дланките, стапалата, усната празнина. Секоја кожна пигментирана или непигментирана лезија која се менува во боја, облик или големина неопходно е внимателно да се дијагностицира. Некои индивидуи може да имаат различни облици на рак на кожа или може да развијат нов рак на кожа подоцна, затоа е многу важно таквите пациенти да вршат повеќе регуларни самопрегледи и да одат на редовни прегледи кај дерматолог. Дерматолошките прегледи се состојат од идентификација на пациентите со висок ризик (лична и фамилијарна историја за меланом и други карциноми на кожа), комплетен преглед на кожата со дерматоскоп, фотографирање на сомнителните лезии и компјутерска анализа на истите.
Раното откривање е најважно
Основна е едукација на населението со информации дека ракот на кожата може да се превенира. Успешна превенција се постигнува со подигнување на свеста за рано откривање на ракот на кожата, со намалување на факторите на ризик и со промена на погрешните навики за претерано сончање кај децата, адолесцентите и возрасните.
Од особена важност за намалување на морбидитетот и морталитетот на ракот на кожата претставува раното откривање (скрининг). Раната детекција посебно се однесува на најмалигниот и животозагрозувачки карцином на кожата, меланомот, кој има потенцијал за метастазирање, затоа поттикнувањето на едукација за оваа болест кај општата популација е од исклучително значење. Најдоброто оружје во борбата против меланом на кожа е раното откривање на сомнителните лезии, со што се зголемуваат можностите за комплетно излекување.
Сметаме дека превенцијата нуди најисплатлива долгорочна стратегија за контрола на ракот на кожата во нашата земја и ова е еден од начините како да го постигнеме тоа со континуирани активности во текот на целата година кои ги спроведуваме на Универзитетската клиника за дерматологија во Скопје. Покрај годишната превентивна кампања во месец мај, кој во светски рамки е посветен на меланомот и другите карциноми на кожа, наша обврска како дерматолози е да го потсетуваме населението во текот на целата година за навремено јавување на пациентите во нашите ординации, со цел спроведување на превентивен дермоскопски преглед на дамките и бемките на кожата.
Авторката, асистент д-р Зорица Зафировиќ (на фотографијата), е специјалист дерматовенеролог на Универзитетска клиника за дерматологија во Скопје