Значи, нема добро и зло, две работи во душата на човек во рамнотежа? Има и луѓе, како премиерот Заев, на пример, со максимум добро и минимум зло во себеси кои бараат прошка, помилување за сите оние што, според М. Јанчев, потпретседателот на Мицковски, „во еуфорија на 27 април ненамерно направиле глупост“. Да, тоа со доброто и злото во секој човек е ука на високата наука. Ама и таа не знае сè. И таа вели дека имало – исклучоци.
Е, сега, ќе праша некој (не, не Тричко!): што правиме со власта на законот пред кој сме сите, нели, еднакви? Што правиме со правната држава до која држи и НАТО во кое влегуваме? За тоа нуди одговор потпретседателот на Мицкоски. Тој објаснува дека и онака сме ја немале. Дека требало „допрва“ да ја правиме, заедно со оние кои „во еуфорија“ згазиле закон, „направиле глупост“. Оти, нели, таа правна држава е на сите и сите треба да ја градат? Не бидува едни дење да ја градат, а други ноќе да ја разградуваат, бесни од мерата надвор затоа што им се судело за „ненамерна глупост“ направена „во еуфорија“.
А кој би бил одговорот на нашиот премиер кој (некако) тенчи црта меѓу добро и зло кога нуди „помирување“ со „помилување“ за оние што, под команда на еден центар, сакаа да кокнат три-четворица во мешан етнички состав, да ги потпалат ултрапатриотите на Ахмети по што Иванов би прогласил вонредна состојба во име на „законот и Уставот“, а за спас на татковината?
Неговиот одговор би бил: нема подобар и поправеден суд од оној божји. Сите сме луѓе и како луѓе несовршени, подложни на грев. Убаво зборува за тоа, нели, библиската парабола со Марија Магдалена, хетерата ерусалимска? Кога се собрала толпа да ја каменува таа Марија поради нејзиниот живот во разврат и блуд, се исправил пред неа Исус кој побарал од толпата прв да земе камен в рака оној што не носел ни најмал грев на душа. Никој, потоа, не се осмелил да земе камен затоа што немало човек кој не носел грев на душа.
Ако може да ѝ се верува на таа поучна парабола од Библијата, тогаш би требало да се рече дека премиерот бара „помирување“ и „помилување“ за оние кои се огрешиле кон земни закони, затоа што и тој мисли, за себеси, дека носи некој грев на душа, а во врска со оној 27 април 2017. Ако мисли, тогаш ни не е човек со максимум добро и минимум зло во себеси. И во неговата, како и во душата на секој човек, има место за доброто и злото „во рамнотежа“.
Кога тој бара „помирување“ со „помилување“ за сите оние кои се огрешиле кон закон, тој дава доказ дека го држи под контрола злото во својата душа, за да дојде до израз – доброто. Тука почнуваат и некои проблемчиња, да не речам проблеми. Тој сега е не само Заев со меко срце, туку и премиер на влада. Тој има парламентарно мнозинство кое го слуша. Како човек-премиер (богочовек?) тој сега има и начин (и сила!) да го смени или, барем, да го дотера оној закон кој им суди на оние кои, „во еуфорија“, направиле „ненамерна глупост“.
А тој ќе го смени или, барем, ќе го дотера затоа што и онака сме немале ние правда и правна држава како што тврди за „Дојче Веле“ потпретсдателот на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев. А ќе го смени или барем ќе го дотера било заради некои гласови кои сега многу му требаат, било по налог на своето меко срце што не знае за зло, било по налог на двете работи истовремено.
Во првиот случај НАТО и ЕУ се возвишена цел. Таа возвишена цел го правда практичното (толку погодно, колку неопходно!) средство „помирување“ со „помилување“. Во вториот случај кротката сила на мекото срце е посилна од слепата сила на закон кој и онака не бил – добар. Во третиот мекото срце не може ништо без целта која отпосле правда средства.
Како се вика првото, како второто, а како пак третото? Првото се вика језутизам. Второто волунтаризам. Третото е језутски волантаризам и обратно. Од тој материјал се прават мазните плочки со кои се поплочува патот до пеколот од кој бегаат сите. И тој пат, нели, треба да биде во добра состојба?