Фудбалерот на Стоук, Џејмс Меклејн соопшти дека повторно ќе одбие на дресот да носи црвена булка во знак на сеќавање на сите загинати британски војници.
И изминатите години 29-годишниот фудбалер го правеше истото, поради што беше остро критикуван во британската јавност.
Во Велика Британија 11 ноември се одбележува како Ден на сеќавањето на сите загинати британски војници, а традиција е воведена по Првата светска војна и како симбол се користи цветот на булката.
По тој повод фудбалерите во Велика Британија го носат овој симбол, но Меклејн со години одбива да го стори тоа. Тој е репрезентативец на Северна Ирска и потекнува од област каде во 1972 година британските војници учествувале во настанот познат како „Крвава недела“. Војниците тогаш убија 14 и ранија уште толку невооружани демонстранти, кои искажуваа незадоволство од власта во Лондон.
– Ако булката беше симбол на паднатите војници во Првата и Втората светска војна ќе ја носев без проблеми, ќе ја носев секој ден, но не станува збор за тоа. Таа се однесува на сите воени конфликти во кои Британија учествувала – истакна Меклејн.
Фудбалерот заради своите ставови добиваше и закани по живот, но од фудбалскиот клуб Стоук застанаа зад својот играч наведувајќи дека треба да се почитуваат различните мислења.