Поранешниот асистент на легендарниот Сер Алекс Фергусон во Манчестер Јунајтед, Стив Мекларен ја прокоментира работата на актуелниот менаџер, Оле Гунар Солскјер и изјави дека Норвежанецот го вратил „стариот, традиционален стил“ на „црвените ѓаволи“.
– Секој го цени ова достигнување. Го познавам Оле многу добро, тој ги проценува добро работите, бидејќи е интелигентен. Тие играат напаѓачки и возбудливо. Ова е стариот, традиционален стил на Јунајтед. Ако продолжи да работи на ист начин, одлуката на раководството ќе биде лесна по крајот на сезоната, изјави поранешниот селектор на Англија и актуелен менаџер на КПР.
Мекларен, кој помагаше на Сер Алекс при освојувањето на три титули во 1999 година, ја истакна посебната врска која Оле ја има со своите играчи.
– Тој работи ментално со фудбалерите, кои се доста квалитетни. Допира до нивната свест, ја става раката на рамото на секој од играчите. Тие имаа потреба од некого да им зборува позитивно, додаде Мекларен.