Директорот за Европски и глобални партнерства на НАТО, Џејмс МекКи, со делегација од Алијансата пристигна во Македонија за официјално да ги започне пристапните преговори за членство на Македонија.
– Ова ќе биде долг процес во кој ќе имаме низа разговори кои ќе се водат со министерствата и владата со цел вашата земја да стане 30-та земја членка на НАТО. Ова подразбира дека треба да се дефинираат најразлични политички, финансиски аспекти, но и аспекти поврзани со самата безбедност, како и правни договори кои ќе треба да се потпишат. Ќе зборуваме и за низата реформи кои веќе се случуваат во државата и за оние на кои ќе треба да работи владата во процесот за пристапување кон НАТО – рече МекКи.
Тој вели дека со оглед на тоа што Македонија веќе долг период е дел од акцискиот план на Алијансата за проширување, земјава е подготвена, но сепак, следува интензивен период во кои ќе се направат финалните подготовки за членството.
Кога ќе се исполнат и самите внатрешни процедури и откако одлуката ќе биде одобрена во парламентите на 29-те земји членки, ќе станете членка на НАТО. Согласно нашите минати искуства очекуваме целиот процес да трае 18 месеци. Секако ќе станува збор за интензивен период, но со нетрпение очекуваме да работиме со вашата Влада – рече тој.
Делегацијата на НАТО веќе имала состанок со премиерот Зоран Заев, со министрите, за внатрешни работи, за надворешни и за одбрана (Оливер Спасовски, Никола Димитров и Радмила Шекеринска) и со нивните тимови.
Нивните состаноци ќе продолжат и денеска до доцна попладнево.