Меки боксови во Шутка

Не сум многу сигурен дали оние двајца (Красниќи и Кафеѓоли) привремени жители на Шутка (според командант Малешева од кумановското Диво надсеље ги „боксувале“ некогашните министри во владата на пастир Никола С. Ристовски и М. Јанакиевски), спаѓаат во класата само донекаде „надарени.“

2415

Незаборавна и поучно-„парадигНатична“ е, што би рекол пастир Никола од Будимпешта, една лезет-изјава на некогашниот шеф на УБК Мијалков која, своевремено, имавме можност да ја чуеме во една од серијата бомби на Заев. Во таа изјава Мијалков му објаснува на својот соговорник (Д.П.- Латас) од Сител дека има намера да му најде некој „надарен“ од притворените во „Шутка“ за да му дотера ум на уапсениот „брат Љубе“ Бошковски. Тој дошол до документи за неговите чешки бизниси. Тој се осмелува, со тие документи, јавно да се заканува на семоќен шеф на Тајна полиција кој, нели, не простува.

Не сум многу сигурен дали оние двајца (Красниќи и Кафеѓоли) привремени жители на Шутка (според командант Малешева од кумановското Диво надсеље ги „боксувале“ некогашните министри во владата на пастир Никола С. Ристовски и М. Јанакиевски), спаѓаат во класата само донекаде „надарени.“ Не сум, затоа што се задоволиле со меки боксови според тоа што го покажа медицинскиот преглед во Осми Септември. Сигурен сум, меѓутоа, во некои случајности кои „коинцидираат“ меѓу тие „меки боксови“ на Красниќи и Кафеѓоли, а кои требаше „да одекнат“ и, во крајна линија, да ја дигнат на нога  целокупна патриотска и горда Македонија. Кои се тие „случајности“?

Една од нив е, на пример, епистоларната ФБ-изјава на пастир Никола од Будимпешта дека дошол до сознанија (од судија кој не го именува за да не го изложи на прогон од власта на Заев) дека нему му се готви ликвидација во „Шутка“, по што не му преостанало ништо друго освен да спасува гол живот по спектакуларното бегство преку три држави: Албанија, Црна Гора и Србија. Таа изјава добива сега на тежина со оние „меки боксови“ на Красниќи и Кафеѓоли кои треба да се разберат, барем сега заега, како преудупреда.

Друга коинциденција е тазе-изјавата на актуелниот шеф на ВМРО-ДПМНЕ Х. Мицковски во која рече дека не му се плаши на премиерот „деспот Заев“ кој бил готов дури и на ликвидации („убиства“). Во стилот на оние со кои требало да финишира оној „крвав четврток“ од пред две години, а за кои се апсат сега некои организатори и налогодавци (Вељановски, Јанакиевски, Ристовски), врз основа на истрага на обвинителката В. Русковска. Колку утредента, по таа изјава на Мицковски, уследија „меките боксови“ на Красниќи и Кафеѓоли. Тие можеби им пуштија нешто крвца на Ристевски и Јанакивески, ама не толку колку на Заев во „крвавиот четврток“ кој спаси жива глава благодарение на тоа што во потребниот момент на бил “чиста мета“ за неговиот ликвидатор.

Трета коинциденција е обидот на шефот на опозицијата ВМРО-ДПМНЕ да дојде до притворениот Јанакиевски во клиниката Осми  септември иако добро знае дека тоа не може да го стори без судска дозвола. Неговите преторијанци меѓу кои, како што се дознава сега, имало и „набријани“ (Ст. Месиќ) приватни освен службени, дрско им се закануваат на полицајци на должност: можело да „стана голема!“ Очигледно е дека на шефот на опозицијата му треба инцидент кој ќе „одекне.“ Меѓутоа, ниту тој, а ниту неговите преторијанци не се осмелуваат први да посегнат по аргументот мускули и сила. Набргу тој подвиткува опаш по што станува уште поочигледно дека нему му било многу повеќе до инцидент кој ќе „одекне“ во јавноста отколку до здравјето на неговиот штитеник Јанакивски, за кое  секако знае дека е далеку од тоа да биде – оштетено.

Четврта коинциденција е превидот на управата на Шутка дека може да дојде до блиска средба меѓу некогашни носители на власт и оние кои, било по заслуга на таа власт, било само затоа што мислат дека по заслуга на власт, а никако по своја (така мисли пастир Никола и, заедно со него, сите кои се најдоа на удар на законот), се нашле во Шутка. Само од себе се разбира дека сите оние што така мислат нема да бројат до десет кога, во истата Шутка, ќе се најде некој од некогашните носители на таа власт, да си ги средат своите сметки со нив.

Кога имате неколку коинциденци кои, така да се каже, уследуваат една по друга, станува јасно дека е во прашање логика на случајноста која, како логика, и не е веќе – случајност. Затоа што не е, затоа што и таа е логика како секоја друга, со право ќе се помислува дека оние ептен „меки боксови“ на Красниќи и Кафеѓоли намерно (никако случајно!) биле меки; дека брзото повлекување на Мицковски од намерата со сила да влезе кај Јанакиевски било главна иако маскирана опција; дека неговата изјава за Заев со „крв на рацете“ е во некоја врска со надежта дека полицијата ќе мавне по него колку да пушти малку крвца; дека сите тие работи заедно се во – логичка врска со теоријата на пастир Никола дека нему актуелната власт му готвела ликвидација во Шутка.

Во таа строга логика на серија случајности факторот управа на затвор кој требало да спречи блиска средба меѓу некогашни министри или ликови кои се нашле таму по заслуга (дури и кога мислат!) на тие министри, е само еден од тие фактори. Но не и главен, но не и пресуден! Токму затоа не мислам ни дека не би можело да дојде до некои меки боксови во Шутка дури и кога управата не би направела таков превид; дури и кога нашите затвори би биле „скандинавски.“ Оној што смислува и смислил таков план, најверојатно ќе најде начин ако не во целост, барем делумно да го оствари. Оти, се знае: што носи часот, не носи годината! Во животот, на слобода, а камоли во – затвор!

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...