Од први јуни заедно со пожарникарите на интервенции ќе оди и медицинска служба, соопшти денеска Владимир Симоновски, командант на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје по повод одбележувањето на 20 Мај – Денот на пожарникарството.
– Во првиот квартал имавме 801 пожарна интервенција, 35 технички интервенции и 25 обезбедувања, меѓу кои и обезбедувањето на aпостолската посета на папата. За разлика од минатите години бројката е значително помала. Успеавме да одговoриме на предизвиците и несаканите ситуации. Мораме особено да внимаваме за подобрување на условите за работа на пожарникарите. Почнавме со набавка на опрема за лична заштита, изолациони дишни апарати, ППЕ опрема. Почнавме и завршивме со реновирање на делови од објектите и платформата – нагласи Симоновски.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов Скопје им се заблагодари на пожарникарите за посветеноста и пожртвуваноста што ја покажуваат вршејќи ја оваа благородна професија.
– Градот Скопје вложува во опремување и модернизација на Противпожарната бригада. Минатата година обезбедивме нов симулатор за пламени удари кој се користи за вежби преку симулација на реални услови на пожар. Беше набавен нов разгласен систем и во целост беа заменети гаражните врати. Набавени се нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури. Завршена е постапката за определување на четири нови возила. Чекам да завршат разговорите за потребите каква скала да купиме, со цел конечно Противпожарната бригада да добие четири нови возила и една поголема скала од оваа што ја поседувате. На Бригадата за противпожарна заштита ѝ е потребна нова и модерна опрема согласно со европските стандарди – рече Шилегов.
Шилегов информира дека Бригадата за противпожарна заштита од оваа година е побројна за нови 20 пожарникари, а предвидени се и дополнителни педесетина вработувања.
– На тој начин, го зголемуваме капацитетот на бригадата, а истовремено сме чекор поблизу до исполнување на европските стандарди согласно со кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1.500 жители. Вложувањата во развојот на пожарникарството не смеат да престанат. Со секое наредно вложување во техничката опрема и човечките капацитети на противпожарната бригада работиме на создавање услови за поголема безбедност на граѓаните – додаде Шилегов.