Медиумите слободно си ја фалат Владата

Тврдењето дека работите драматично се променети кон поарно („има разлика“, „медиумите се слободни“, „Заев не е диктатор“ и слично) се креирање перцепција, која не мора да е неточна, но таа не допира до суштината на проблемите со која се соочуваат слободните медиуми, ниту е вистински одговор на прашањето зошто сѐ уште се соочуваме со корупциски притисоци, со клиентелизам, со обиди за цензура и со широко распространета автоцензура.

2329

Две недели пред посетата на шефот на украинската дипломатија Павло Климкин на Македонија, што се случи на 11 и 12 април, мојот пријател од амбасадата на Украина ме извести дека неговиот шеф е спремен да даде интервју за Плусинфо и за „Слободен печат“. Беше тоа особено чувствителен период за Украина, а се најави и можноста за тројната средба Климкин – Димитров – Коѕијас во Охрид. Си реков, одамна сме немале важно интервју, а богами сме немале речиси никакво интервју со политичар или со дипломат, мора добро да се подготвам…

Според веќе востановената практика во Македонија, јас и мојот пријател од амбасадата веднаш се договоривме да подготвам еден сет прашања и тој да ги испрати во Киев, од каде што требаше да ги добиеме одговорите од Климкин. Веднаш го замолив мојот колега Билјановски (Митко е нашиот редакциски сезнајко) да ме избрифира и да ми помогне. Гуглав и јас неколку часови и резултатот беше десетина солидни прашања, кои веднаш по мејл ги испратив до амбасадата. По неколку денови, мојот пријател дипломат ме извести дека министерот со внимание ги прочитал моите прашања, потоа ги фрлил во корпа и ја известил амбасадата дека сака интервју „во живо“ и дека е спремен да одговори на секое прашање што ќе му биде поставено.
Зини земјо, голтни ме! Се посрамотив пред човекот. Не паметам кога последен пат сум имал „живо“ интервју со политичар. Всушност, како што редовните читатели на „Слободен печат“ можат да забележат, мошне ретко објавуваме интервјуа, особено со водечките политички личности во земјата. Не се тие виновни. Ние не бараме. Ми омрзнаа „дописните“ и внимателно „авторизирани“ (еуфемизам за исцензурирани) интервјуа. И ете, дојде ред јас да предложам „дописно“ интервју, а Климкин неочекувано да ми одржи лекција.

За да му возвратам со иста мера, решив да се подготвам најдобро што умеам, да го импресионирам и да ја извлечам од него најсилната можна изјава во тој момент. Неколку денови читав сѐ што може да се прочита за Украина и за нејзиниот чуден министер. Додека го интервјуирав – јас целиот под стрес дали војс рикордерот на мојот смартфон ќе го сними разговорот или ќе затаи – сфатив дека и Климкин се подготвил и решил да ја испрати својата најсилна порака („Русија веќе ја почна Третата светска војна“). Откако разговорот заврши, сѐ уште во недоумица, го прашав министерот дали бара авторизација на интервјуто. Човекот ме погледна зачудено и љубезно ми одговори: „А што ќе ни е таа работа? Имам полна доверба во вас“.

Премиерот очекува и бара да биде критикуван?!

Зошто ви ја раскажувам оваа приказна? Украина, знаеме, не е земја во која царува слободата на медиумите. Но, Климкин ме потсети на златните времиња кога новинарите ги интервјуираа најважните личности „во живо“ (прексиноќа се потсетив на моето интервју со Џорџ Сорос за весникот „Вечер“ во 1992 година и еве, приложувам фотографија како доказ дека разговаравме тет-а-тет, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје). Беше тоа време кога истражувачките стории се подготвуваа со вистински и макотрпни теренски истражувања, кога новинарите патуваа низ градовите и селата и правеа репортажи и кога во весниците и во телевизиските вести се појавуваа и обични луѓе, засегнати, бунтовни и со доверба во нас, претставниците на „седмата сила“.

Не продавам носталгија. Апсолутно сум свесен за фактот дека осеката на македонскиот журнализам не е од вчера и не е последица само на политичките притисоци. Опаѓањето на професионалните стандарди, слабеењето на капацитетите на македонските редакции, обновата на цензурата и на автоцензурата, процутот на корупција, на рекетот и на лумпен-новинарството, тоа се феномени поврзани со процесите на севкупна ерозија на економијата и на општествените институции. Во таа смисла, списокот на виновници за паѓањето на новинарството на олку ниски гранки е долг, а таму треба да се допишат и моето и имињата на сите македонски уредници и новинари што во овие долги години имаа некакво влијание во јавноста.

Она што сепак е ново, буквално „од вчера“, или поточно од пред година или две, се цврстите ветувања на новата политичка гарнитура на власт (тогаш сѐ уште во опозиција) дека ќе даде сѐ од себе да подготви и да спроведе брзи и ефикасни реформи во медиумскиот сектор, со цел за проблемите да се најдат системски решенија. Еве, мина една година од формирањето на Владата, а јас констатирам дека таа задача не е исполнета. Тврдењето дека работите драматично се променети кон поарно („има разлика“, „медиумите се слободни“, „Заев не е диктатор“ и слично) се креирање перцепција, која не мора да е неточна, но таа не допира до суштината на проблемите со која се соочуваат слободните медиуми, ниту е вистински одговор на прашањето зошто сѐ уште се мачиме со корупциски притисоци, со клиентелизам, со обиди за цензура и со широко распространета автоцензура.

Апологетите на власта и лумпен-медиумите, освен поради сопствената злоба и завист веројатно поттикнати и од злонамерни брифинзи од луѓе што не ги разбираат состојбите во медиумите, ламентираат дека јас го обвинувам Заев, во моментов човекот алфа и омега на македонската политика, за цензура или за поттикнување притисоци врз медиумите. Еднаш веќе сведочев јавно дека неодамна се сретнав со премиерот, со намера да разговараме директно и баш да се испокараме, за конечно да разберам каде чкрипат работите и што очекува премиерот од мене, од новинар и уредник кој нема намера да потклекне под притисоците на кои е изложен. И онака можеби претерав со индискрецијата, па освен она што веќе го раскажав за таа средба, ќе го додадам само исходот – Заев ме испрати со цврста порака дека очекува и бара да биде критикуван.

Време е за крупни и храбри гестови, друже Заев!

Дали му верувам? Да. Има две причини за тоа. Првата е начинот на кој тоа ми го соопшти. Втората, поважната причина, е што јас сакам да им верувам на луѓето. Со или без причина. Сум пресметал дека во животот таа моја особина (наивноста) ми донела повеќе ќар одошто штета. Но, како и да е, во случајов, тој разговор меѓу мене и Заев решава само еден аспект од проблемите за кои сме одговорни јас како уредник, Заев како премиер, донекаде моите колеги како уредници и новинари и сосема малку и вие, почитувани читатели, како наша публика. Тој разговор го решава прашањето на првиот чекор кон градењето доверба. И толку.

Но, Владата на Заев има други неисполнети ветувања за големи промени во медиумскиот сектор. Реформите трагично доцнат. Инфраструктурата е неуредена и дури и хаотична. Образовниот систем речиси веќе не произведува кадри за новинарската професија. Медиумската индустрија пати и во еден дел ѝ се заканува пропаѓање. Голем дел од овие проблеми се од структурна природа и нив Заев самиот нема да ги реши, колку и да ветува и да се труди. Решавањето на тие проблеми зависи и од моќта на бизнис-заедницата, од сфаќањето на концептот на социјална одговорност, од односот на медиумските сопственици кон своите производи и од спремноста на новинарската заедница да се бори за уредувачка автономија, за професионални стандарди и за статусните прашања на новинарите.

Од друга страна, еден сет крупни, нестандардни гестови на еден исклучително влијателен политичар, кои ќе го покажат и ќе го докажат неговиот личен демократски капацитет, навистина можат да извршат промена на поведението на целата влада и да бидат мотив за клучните креатори на политиките да предложат брзи и креативни решенија на ова поле, а не постојано да нѐ убедуваат што сѐ не можело да се стори, поради овие или оние (објективни) причини.

Затоа си земам слобода на Заев да му зададам лична задача со низа такви гестови да покаже целосна отвореност кон медиумите и симпатии кон своите критичари, а не кон ласкавците кои ѓоамити му го билдаат рејтингот со лигава пропаганда. За почеток, на пример, треба да се одважи да закаже интервју без однапред подготвени прашања, во кое ќе одговори директно сѐ што ќе биде прашан, дури и за оние најнепријатните нешта, поврзани со бизнисите на неговото семејство и со другите наводни скандали поврзани со неговото име (зборот „наводни“ е тука како обврска кон принципот на претпоставка на невиноста, кој мора да важи за сите, па и за Заев).

Друже Заев, во еден американски филм за свештеникот Вернон Џонс, претходник на Мартин Лутер Кинг (филмот се вика „Road to Freedom: The Vernon Johns Story“), има една легендарна реплика: If you see a good fight, get in it! Ова што jaс ти го предлагам овде е една навистина добра борба. Не губи време, не размислувај многу. Влегувај!

ПС. Денешната карикатура на Наташа Костовска на насловната на „Слободен печат“ е намерно смислена провокација. Одлучивме со една ваква хипербола да го тестираме капацитетот на Заев, на неговата пропагандна машинерија, но и на јавноста воопшто, да издржи и претерана критика и можеби дури и да ја разбере нејзината смисла и потреба. Се занесуеме, знам, али тоа е…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...