Дезир: Медиумите да ја критикуваат власта за таа да работи одговорно и отчетно

98
20151214 Monday sobranie anketna komisija svedoci soslusuvane nikola gruevski mediumi nadvor izbrkani brkani

Слободата на изразувањето, вклучувајќи ја тука и слободата на медиумите како четврта власт во секое демократско општество, се едно од универзалните човекови права. Како такви признати со соодветни документи на највисоките меѓународни организации. Особено важен фактор за слобода на медиумите и изразувањето е создавање услови, средина во која се практикуваат тие права и слободи. Тоа го истакна министерот без ресор одговорен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски во обраќањето пред учесниците на Годишната конференција на медиумите од ЈИЕ што од денеска и утре се одржува во Струга.

Потсетувајќи дека слободата на медиумите и слободното делување на новинарите беа еден од петте столбови за итни реформи предложени од Експертската група на Рајнхард Прибе, министерот Поповски ја нагласи подготвеноста на Владата за спроведување на тие реформи и за подобрување на условите за работа на медиумите.

– Согласно своите темелни принципи за транспарентност и инклузивност, покажавме дека целта на Владата е да се чуе гласот на медиумската заедница, таа да биде моторот на реформите, а ние да помогнеме со механизми за нејзино имплементирање, рече Поповски, потсетувајќи дека предложените измени во медиумската легислатива што се пред финална фаза на усвојување во Собранието се резултат на потребата од надминување на претходната долгогодишна хаварија во медиумскиот простор.

Меѓу другото тој ја нагласи и подготвеноста на власта за спроведување мерки за поголема заштита на новинарите, со нулта толеранција на каков било обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето, правна разрешница на сите случаи на закани кон новинарите и медиумските работници, полесен пристап до информации од јавен карактер…

Харлем Дезир, претставникот за Канцеларијата за слобода на медиумите при ОБСЕ која е организатор на конференцијата, истакна дека легислативата што ја уредува работата на медиумите во ЈИЕ генерално е фер, но она што е недостасува е нејзино спроведување во пракса.

– Постои нужност сите фактори, особено оние од власта и креаторите на политиките, да ги негуваат и поддржуваат напорите за независно новинарство, имајќи ја предвид суштествената улога што медиумите ја имаат во демократските општества. Случаите на напади врз новинарите, не само во регионот туку и во некои од најнапредните демократии, претставуват ризик за иднината како за самите медиуми, но и опасност за демократијата, рече Дезир.

Медиумите, посочи, по природа се критичари на власта, на центрите на економската моќ, тие се тука да се грижат оние кои се на власт да работат одговорно и отчетно пред граѓаните, да придонесат кон слобода на говорот што ќе доведе до вистински отворена дискусија во општеството за различните гледишта и опции за иднината на земјата.

– Се соочуваме со тешки времиња кога е во прашање слободата на медиумите во регионот. Постојат бројни предизвици, но и политичка волја да се работи на тоа прашање, за поголема заштита на медиумските слободи. Тука сме уште еднаш да ги здружиме нашите знаења, да ги размениме искуствата и добри практики и преку отворена и слободна дискусија да дадеме насоки како да се подобри состојбата во медиумите како придонес кон развојот на послободно и подемократско општество, истакна Дезир.

Во рамки на конференцијата во Струга на која учествуваат новинари, претставници на граѓански организации, на академската задница од државите во регионот ќе се одржат неколку панел-дискусии на кои ќе се дебатира на повеќе прашања од голема важност за новинарската професија како безбедноста на новинарите, условите во кои работат новинарите и медиумите, за најдобрите практики и важноста од зајакнување на јавниот сервис, јакнење на саморегулаторните механизми во медиумите и подобрување на професионалните стандарди, ефектите на дигитализацијата врз конвенционалните медиуми во регионот, како и за феноменот на „лажни вести“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...