Медиумите во заштита на демократијата – или против неа

Да се бараат политички пријатели можеби не е добар пат доколку се искажува јавна осуда на „суетноста“ во новинарската фела, но МРТВ, како еден од примерите на посочените „политички непријатели“ и понатаму не остава некаков позначајно сменет имиџ со начинот на своето функционирање.

378

Три децении по паѓањето на Берлинскиот ѕид медиумите, и покрај големите очекување за ослободување од стегите на политиката и репресивниот систем, бележат извесни подеми, но многу повеќе падови во бившите комунистички земји. Стремежот кон слободни медиуми, како еден од најважните столбови и темелна вредност на демократијата, често се претвора во сопствена спротивност.

Една фотографија на која чешкиот претседател Милош Земан сметал дека е добра идеја на прес-конференција да покаже имитација на калашников со напипшан текст на него „за новинарите“, беше проследан со низа контроверзи. Токму во контекстот на дебатата во колкава мера јавните радиодифузни сервиси придонесуваат и го зголемуваат знаењето кај граѓаните, влијаејќи на понудата на информации и вести во позитивна насока.

Но во повеќе земји во Европа политичарите всушност го означуваат независното новинарство како општествена опасност, поттикнувајќи ги со тоа заканите против слободата на изразувањето како основна придобивка на демократијата. Се користат различни методи, често и според веќе добро проверен рецепт, како, на пример, во објавените „бомби“ во Македонија што открија примена на прочуеното министерско „тефтерче“ за непослушните.

Политичките интервенции во медиумската сфера наидуваат на осуда. Случајот на еден познат полски новинар привлече пошироко внимание поради обидот за автократско гушење на медиумските слободи во Полска. Министерот со одговоност за безбедносните служни му наредил на директорот на полскиот јавен радиотелевизиски сервис, ТВП; дека еден од вработените новинари мора да биде отпуштен. Во спротивно самиот директот требало да се соочи со отказ. Една варијанта на познатата мафијашка сентенца”An offer you can’t refuse” (понуда што не можете да ја одбиете).

Таквата „понуда“ била прифатена и на искусниот телевизиски продуцент и новинар, Мариуш Ковалевски, кон крајот на минатата година му била покажана вратата. Оттогаш тој е на црната листа, што значи дека по децении успешна новинарска кариера е принуден да биде невработен и мора да живее од приходите на неговата сопруга.

Ковалевски бил вработен во ТВП во 2016 година, во периодот кога конзервативна Партија на правото и правдата по освојувањето на власта го отпушти старото раководство на јавниот сервис, спроведувајќи едновремено чистење од сите нелојални новинари. Критичарите укажуваат дека е тоа последица на постојаната политизација на полските медиуми, која всушност трае во континуитет уште од 1945 година кога Полска останува зад Железната завеса.

Практикувањето на таквата уредувачка политика по падот на комунизмот и воведувањето на демократијата по 1989 година се етаблира во низа источноеверопски земји, вклучувајќи ја се разбира и Македонија. Всушнсот, станува збор за определбата државната радиотелевизија да продолжи како и порано, при што, иако формално е наречена јавен сервис, во основа е во служба на партијата на власт која поставува свои луѓе на раковдни позиции. Во Македонија во овој контекст моментно е присутен и извесен дисконтинуитет, но која сепак се чини ништо поконкретно не зборува за постоење грижа за јавниот сервис да добие неутрален статус и да известува објективно и непристрасно.

Ковалевски, како што објаснува во едно интервју, не гледа можности за некаков побрз пресврт на негативниот тренд во однос на заштитата на медиумските слободи, туку напротив верува дека Полска ќе продолжи да го следи „мрачниот развој во Унгарија“, каде што владата на Орбан се погрижила да ги исчисти медимите од новинари кои бараат простор за критички и поинакви мислења.

И во последниот извештај на независниот демократски институт „Фридом хаус“ е дадена мрачна слика за зачестените закани против демократијата, при што медиумските слободи и принципите на владеењето на правото се соочени со сериозни предизвици на многу места во светот. Напоредно, ширењето на огромно количество дезинформации и лажни вести, и кампањите за дестабилизација и вршење влијание врз избирачите стануваат сѐ пософистицирани.

И покрај силните притисоци, новинарите во Унгарија кои продолжуваат со критички и истражувачки пристап во известувањето се исложени на потсмев и потценување и неретко се етикетирани како марионети на Џорџ Сорос, кој веќе подолго време е објект на омраза меѓу националистичките и радикално-конзервативни групации. Последица на тоа е известување кое во голем обем станува режимски лојално, при што значајно се шири и автоцензурата. Губитник е јавноста на која ѝ се ограничуваат можностите да изгради сопствено сфаќања во однос на важни прашања во општеството. „Десороизацијата“, патем речено, беше и хистеричен пројект кој во јавниот простор го наметна Груевски и неговата партиска врхушка, се разбира спореддоброиспробаниот автократски речник на пријателот Орбан.

Пред неколку години Зоран Заев како лидер на опозицијата изнесе став дека најголем политички непријател „за нас како опозиција“ се медиумите како Сител, Канал 5, Алфа ТВ, Дневник, и МРТВ. Медиумската сфера во Македонија по промената на власта несомнено претрпе извесни промени, но некои тврди односи и партиско-олигархиски интереси и понатаму се присутни според утврдениот рецепт на злоупотреба на медиумската слобода.

Да се бараат политички пријатели можеби не е добар пат доколку се искажува јавна осуда на „суетноста“ во новинарската фела, но МРТВ, како еден од примерите на посочените „политички непријатели“ и понатаму не остава некаков позначајно сменет имиџ со начинот на своето функционирање. Тешко би можело да се рече дека стаусот на македонскиот јавен сервис всушност е барем делумно подобрен, во смисла на она што Швеѓаните би го нарекле „сервис како колективна полза во служба на сите граѓани“. Бидејќи останува неоспорен факт дека медиумското известување во служба на јавноста не подразбира пред сѐ градење политички пријателства, туку создавање простор за поширока јавна дебата и поизбалансиран критички пристап кон сите политички субјекти.

А не да функционира како „пренесувач“ на партиски ставови и соопштенија на институциите кои пресудно влијаат на квалитетот на животот на обичните граѓани и избирачи.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...