Војвотката на Сасекс Меган Маркл е гостин – уредник на септемвриското издание на британскиот „Вог“, на чија насловна страница стави 15 жени „на кои им се восхитува“.
Меган Маркл е прва членка на кралското семејство која ја добила честа да ја уредува „Модната Библија“. За специјалното издание под слоганот „Forces for Change“, одбрала 15 жени кои „оставиле трагa“ и „го промениле светот“, а меѓу нив можете да бидете и вие!
На листата на жените на кои најмногу им се восхитува Меган Маркл, се нашле жени од шоубизнисот, политиката и активистиките познати по тоа што ја слават различноста, правата на трансродните лица и се занимаваат со глобалните прашања како климатските промени.
Сепак, обожавателите на кралското семејство не се воодушевени од изданието на „Вог“ под уредничката палка на Меган. Меѓу коментарите кои кружат по интернет многумина изјавиле дека новото издание на „Вог“ е „голем отпадок“ и „апсолутно грозно“, а не им се допаднала ниту листата на Меган која ги вклучува актерката Џејн Фонда (81) и активистката Грета Тунберг (16), меѓу останатите славни лица.
Војвотката не се ставила себеси на насловната, бидејќи верува дека тоа би било многу претенциозно, рекол главниот уредник на „Вог“, Едвард Енинфул. Исто така, додава дека ова е еден од најрадикалните потези на уредништвото во нивната 100-годишна историја, со оглед на тоа дека септемвриското издание е најважното издание во годината.
Празното 16. место на насловната на Меган, крие особено интересна приказна. Имено, нејзина идеја била во целата приказна да ги „вклучи и читателките за да ги поттикне и тие да бидат дел од промените“.
Да потсетиме, Кејт Мидлтон беше ѕвезда на јубилејното 100. издание на „Вог“ во 2016 година, но нејзината соработка не предизвика таков „бум“ и не се занимаваше со прашањата како расната и половата еднаквост.
Ова се жените што ги избрала Меган Маркл: Адут Акеч (19), Џема Чан (36), Грета Тунберг (16), Џамила Џамил (33), Чимаманда Нгози Адичие (31), Адвоа Абоа (27), ВИЕ!, Џасинда Ардерн (39), Франческа Хејвард (27), Рамла Али во 20-ти (не ја знае својата возраст), Кристи Турлингтон Бурнс (50), Салма Хаек (52), Џејн Фонда (81), Лаверн Кокс (46), Јара Шахиди (19).
FOTO: Printskrin/Instagram