Министерството за внатрешни работи соопшти дека случајот од 29 јуни, кога од тројца насилници до смрт беше претепан 21-годишниот Никола Саздовски кој вчера беше погребан, е расчистен, а за тоа соодветно ја информирале и јавноста.
Полицијата апелира да не се поттикнува говор на омраза и да се даде простор на институциите да си ја завршат работата.
„Ги отфрламе сите злонамерни дезинформации на поединци и неодговорни политички партии кои ја злоупотребуваат смртта на момчето. Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје, кои на 29.06.2018 година околу 17,30 часот во Скопје на автобуска постојка на булевар „Александар Македонски“ го нападнале Н.С., по што тој бил пренесен во Клинички центар „Мајка Тереза“ Скопје. По преземени мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот се лишени од слобода и одредена им е мерка притвор. Се преземаат мерки за пронаоѓање на третиот“, се наведува во соопштението.
Од таму повторуваат дека преквалификација на делото е во надлежност на ОЈО.