Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски до Владата ќе поднесе предлог за разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, соопшти денеска МВР.
Службеното возило „ренџ ровер дискавери спорт“ со регистарски таблички СК-9559-АЛ, како што соопшти МВР, на 2 август по спроведената истрага од страна на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди е констатирано дека било пратено во Грција со налог потпишан од директорот на јавна безбедност. Возилото, како што се наведува во соопштението, било управувано од полициски службеник, вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти, а патувало на територија на Република Грција.
„Во својот исказ, директорот Велковски потенцирал дека ангажирањето на службеното возило го направил од крајна нужност, поради тоа што подолго време постоеле закани кон него и неговото семејство, а од причина што истиот ден тој бил работно ангажиран во врска со прославата на 2 август и заради нарушувањата на јавниот ред и мир во текот на прославата на Мечкин Камен, како и настани кои претходеле проценил дека е небезбедно неговата ќерка да патува сама. Заради што тој одлучил да го ангажира членот на своето обезбедување“, се наведува во соопштението од МВР.
Во случајот, како што се наведува, целосно не било спроведена процедурата за службено патување и покрај налогот за патување, не е потпишано решение за службено патување.
„Заради ова министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски до Владата на Република Македонија ќе поднесе предлог за разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски“, се потенцира во соопштението од МВР.