Од отворањето на гласачките места досега се регистрирани вкупно четири инциденти, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Како што рече на прес-конференција, на гласачкото место во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром К.Ж. (22) навредувал граѓани и физички нападнал полициски службеници поради што е приведен во полициската станица.
– Осумдесетгодишен маж од Зубовце, Гостиварско, пријавил дека бил навредуван во врска со референдумот од 64-годишната С.М. Таа е повикана во полициска станица и се работи на расчистување на случајот. Во Струга, пак, пријавено е фотографирање со мобилен телефон од тераса на зграда близу избирачкото место во ОУ „Браќа Миладиновци“ на улицата „Јован Стефаноски – Риле“. Веднаш се преземени мерки и лицата се однесени во полициската станица, истакна Ангеловски.
Според него, четвртиот инцидент е на гласачкото место во ОУ „Ванче Прќе“ во Штип. Б.О. пријавил дека при достава на храна на избирачкиот одбор бил фотографиран и навредуван од Е.С. Е.С е во полициска станица и се работи на расчистување на случајот.
– Ги повикуваме граѓаните да ги почитуваат законите и да се воздржуваат од какви било нарушувања на јавниот ред и мир и на тајноста на гласањето. Секое спротивно однесување на законите МВР нема да го толерира за да обезбеди непречено и мирно гласање – апелира портпаролот Ангеловски.