МВР не предвидело справување со толпа внатре во Собранието

430
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Обвинетиот за случајот со 27 април, Митко Пешов кој во периодот кога се случи крвавиот четврток бил началник на Одделот за специјални полициски сили, три часа ја даваше својата одбрана одговарајќи на прашања од неговата адвокатка.

Тој зборуваше за надлежностите, поделбата на командите во МВР, раскажуваше детали за тоа каде бил, што правел и со кого разговарал за време на случувања на 27 април.

Во неговото тричасовно раскажување тој ја спомна и операцијата „Платформа“ која во МВР била планирана за справување со протестите кои секојдневно се одржуваа пред Собранието. Според исказот на Пешов, бил направен план за две сценарија, но ниедно од нив не предвидувало влез во законодавниот дом, односно интервенерирање и справување со демонстранти внатре во Собранието.

Едниот план бил за справување со хомогена група демонстранти пред законодавниот дом, а другиот пак предвидувал справување со две спротиставени групи на демонстранти.

Во оперативната акција имало ставено и ден кој го нарекле „Денот Д“, а се однесувал на денот кога евентуално би се избирал претседател на Собранието или состав на влада. Пешов рече дека очекувале дека формално или неформално некој ќе ги извести за тоа кога е во план такво нешто, но како што рече тој лично не добил такви информации.

Неговата адвокатка го прашуваше и за тоа каков однос имал со тогашниот министер Агим Нухиу.

– И по 27 април како и претходно имавме многу коректен однос, пријателски е премногу да речам, сепак се работи за хиерархиска поставеност. Имавме коректна соработка ова го базирал на неколкутете наши средби – рече Пешов.

Прашање му постави и обвинетиот Александар Василевски Нинџа за тоа дали полициската акција во Собранието била задоцнета.

Пешов рече дека во тој момент со оглед на информациите со кои располагал постапувал согласно своите знаења и можности.

– Можеби од оваа временска дистанца сме можеле повеќе и подобро, но повторувам дека во тоа време постапував и носев одлуки согласно информациите со кои располагав тогаш – рече Пешов.

По неговиот исказ, судењето во доцните попладневни часови треба да продолжи со испитување на уште тројца сведоци, како и со распит на двајца од обвинетите, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски Леви, од страна на нивните адвокати.

На вчерашното рочиште пратениците обвинети во овој случај се откажаа од давање одбрана.

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...