МВР: На седум избирачки места имало обиди да се попречи гласањето

79

На еден час пред затворање на гласачките кутии, МВР информира за седум попречувања на гласањето на избирачки места. Во текот на денот од полицијата соопштија за уште 13 инциденти за време на гласањето

Во СВР Скопје било пријавено дека во село Горно Коњаре, Скопско, набљудувач враќал луѓе кои оделе на гласање. Полициски службеници излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во Полициската станица Берово женско лице телефонски пријавило дека околу 11,30 часот пред влезот на гласачкото место број 8 во село Будинарци, Беровско, имало симпатизери на политичка партија кои вршеле притисок и ги спречувале граѓаните да гласаат, а исто така и неа вербално ја навредувале. По преземени мерки не се пронајдени лица опишани во пријавата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР Охрид било пријавено дека во 15,30 часот на гласачките места бр.1280 и 1281/1 на улица „Марко Цепенков“ во Охрид биле забележани две лица како неовластено фотографираат гласачи. Во врска со настанот во Полициската станица Охрид е извршен разговор со Б.Л.(41) со живеалиште во Австралија. Се работи на расчистување на случајот.

Во Полициската станица Свети Николе било пријавено дека во времето од 8 до 9 часот во село Лозово, пред штаб на политичка партија, Б.Ц. претседател на општинскиот комитет на партијата, го запрел и фотографирал лицето С.З. кое одело на гласање. Се преземаатмерки за расчистување на случајот.

Во СВР Струмица било пријавено дека на каналот YouTube биле објавени снимки од гласачкото место 17:30 во основното училиште „Никола Вапцаров” во Струмица. По преземени мерки било констатирано дека снимката била направена од акредитирани новинари. Се работи на расчистување на случајот.

Во 15:20 часот, Х.Б. пријавил дека на гласачко место број 2593 во средното училиште „Лазар Таневски“ од страна на лицето А.А., домашен набљудувач, била фотографирана И.Ѓ.. А.А. е приведен во Полициската станица Карпош за понатамошна постапка.

Во СВР Штип било пријавено дека на гласачкото место 2247 во основното училиште „Димитар Влахов“ во Штип, Ф.Д.(неписмено лице) гласала со помош на Д.Г.. По ова, нејзиниот сопруг Џ.Д. ѝ го скинал гласачкото ливче. Претседателот на Избирачкиот одбор побарал интервенција од полицијата. Џ.Д. бил лишен од слобода и приведен во Полициската станица Штип, а неговата сопруга заедно со претставник на невладина организација на гласачкото место биле повикани на разговор во Полициската станица Штип. Се работи на расчистување на случајот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...